По повод триесетгодишнината од енцикликата „Evangelium vitae“, која се одбележува на 25 март, ќе биде објавен документ за тоа како да се иницираат црковни процеси за промовирање на пасторална грижа за човечкиот живот со цел да се заштити, чува и промовира во различни географски и културни контексти, во ова време на многу сериозни нарушувања на достоинството на човечкото суштество.
„Животот е секогаш добро (Evangelium vitae, 31) и така треба да биде претставен, заштитен и ценет во секоја ситуација“. Кардиналот Кевин Фарел, префект на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, со овие зборови го воведува објавувањето на прирачникот со наслов „Животот е секогаш добро. Иницирање на процесот за пасторална грижа за човечкиот живот“ (LEV 2025), кој беше објавен на 24 март 2025 година, по повод одбележувањето на триесетгодишнината од „Evangelium vitae“ на Иван Павле II.
Вистински пасторал за човечкиот живот
Во воведот на прирачникот, кардиналот Кевин Фарел пишува: „Во време на многу сериозни прекршувања на достоинството на човечкото суштество, во многу земји измачувани од војни и секаков вид насилство (особено врз жените, децата пред и по нивното раѓање, адолесцентите, лицата со попреченост, старите лица, сиромашните, бегалците) потребно е да се обликува вистински пасторал за човечкиот живот, за да се оствари она што исто така е повторно потврдено во неодамнешната декларација Dignitas infinita на Дикастеријата за доктрина на верата под бр. 1: „Достоинство е неизмерно, неотуѓиво втемелено во самото битие, му припаѓа на секој човек, ја надминува секоја околност, без разлика во каква состојба или ситуација се наоѓа личноста“. Затоа, животот на секој маж и секоја жена мора секогаш да се почитува, чува и штити. Овој принцип, кој е целосно препознатлив дури и за самиот разум, е основата на приматот на човековата личност и заштитата на неговите права и мора да се спроведува во секоја земја, во секое село, во секој дом.
Да се промовира достоинството на секој човек
Прирачникот е резултат на континуиран дијалог со епископите: „Оваа пасторална помош е наменета првенствено за епископите кои при нивните чести ad limina посети на Светиот Престол, секогаш ја повторуваат итноста на напорите за заштита и промовирање на животот и достоинството на секој човек“, коментира монсињор Дарио Герваси, заменик-секретар на Дикастеријата за лаици, семејство и живот. На вебинарот организиран од Дикастеријата во 2024 година со раководителите на Канцеларијата за семејство и живот на бискупските конференции од целиот свет, започна заедничкиот процес на развивање пасторална грижа за човечкиот живот, во светло на неодамнешните поттикнувања дадени во документот Dignitas infinita.
Процес во секоја бискупија
Во служба на овој процес, прирачникот е предлог кој укажува и како да се примени синодскиот метод на расудување во Духот во однос на бројни теми поврзани со човечкиот живот и начините на неговата заштита, зачувување и промоција во различни географски и културни контексти. Герваси посочи дека заедничкиот дијалог има за цел да го поддржи процесот во секоја бискупија за да може да ги вложи ресурсите потребни за поефикасно формирање на лаици и да ја зголеми свеста на новите генерации за вредноста на човечкиот живот.
Ватикан њуз/к.мк