Епископството не е чест, туку служба
Епископството е служба, а не чест: епископската должност се состои повеќе во тоа да се служи отколку да се владее – истакна папата Фрањо во проповедта на 15 ноември за врема на светата Литургија во базиликата Свети Петар, на која го хиротониса за епископ Фернанд Вергеза Алзаге, Генерален секретар на Управата на Државата Град Ватикан. Светиот Отец обредната хомилија, предвидена за хиротонијата, ја надополни со спонтан говор.
Епископот е избран да служи, а не да владее – рече Папата по повод хиротонијата на Фернанд Вергез Алзага, 68 годишен Шпанец од Саламанка, член на Христовите легионари, кој е ракоположен за свештеник во 1969 година. Возвишена е одговорноста на епископот затоа што во себе го носи присуството на Исус Христос: епископот е татко и брат на сите. Папата потсети на службата која новиот епископ ја извршувал со нежност и љубов додека бил секретар на аргентинскиот кардинал Едуард Франчиско Пирони.
Размислувам за службата на нежност и љубов која несебично ја пружаше кардиналот Пирони. Уверен сум дека тој во овој момент е меѓу нас и дека се радува. Во името на Црквата повторно ти благодарам на понизната и тивка служба, на братското и синовско служење – рече папа Фрањо.
Исто така Папата потсети на љубовта на кардиналот Антониј Куарачина, поранешен епископ на Буенос Аирес и примас на Аргентина, според монсињор Вергез Алзаги. Радосно се сеќавам на пријателството со кардиналот Куарачина, кој навистина те сакаше. А денес ти признавам, додека ги слушам овие убави песни, мислам на монахињите Бенедиктинки од Викторија, кои го следат овој обред. Денес добро си следен – забележа Папата.
Должностите на епископот се: да ја навестува радосната вест во секоја пригода, поволна и неповолна, да опоменува, да укорува, со великодушност и знаење да поттикнува – објасни папата Фрањо, кој новиот епископ го именува на 30 август за Генерален секретар на Управата на Државата Град Ватикан. Тебе на посебен начин ти е поверена пасторалната грижа за ватиканските службеници. Биди им татко, брат, со вистинска љубов и нежност – поттикна Папата, додавајќи дека епископот треба да биде внимателен и кон оние кои се оддалечени. Треба да им се искаже внимание и на оние кои не припаѓаат на Христовото трло, затоа што и тие ти се поверени од Господа.
По хиротонијата Папата го поздрави новиот епископ и неговите роднини.
РВ/превод:Е.А.