Епископот Стојанов на празникот Марија од Назарет: „Мајка Божја нема да дозволи оваа побожност да исчезне“

Епископот Стојанов на празникот Марија од Назарет: „Мајка Божја нема да дозволи оваа побожност да исчезне“

Светата архиерејска Литургија ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов. На литургиското славење претходеше свечена процесија со статуата на Марија од Назарет околу црквата. Владиката потсети дека побожноста кон Марија од Назарет, започната во 1998 година, е Божјо дело кое продолжува да се пренесува на новите генерации.

Во недела 5 октомври 2025 година, во црквата „Свети пророк Илија“ во Радово, беше одбележан празникот Марија од Назарет, копатрон на парохијата. Светата архиерејска Литургија ја служеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, во сослужение со свештеници од епархијата. На литургиското славење претходеше свечена процесија со статуата на Марија од Назарет околу црквата, во која учествуваа бројни верници.

Во својата проповед, бискупот Стојанов потсети на историјата на овој празник, чиј почеток датира од 1998 година, кога статуата на Марија од Назарет пристигна во Радово и остана меѓу народот подолго од предвиденото.

„Додека таа престојуваше тука, црквата беше отворена дење и ноќе, а верниците се менуваа во молитва, со побожност и достоинство. Таа искрена вера и тогаш беше услишана, и денес Мајка Божја мајчински нè прати,“ рече бискупот, истакнувајќи ја важноста што оваа побожност се пренесува на новите поколенија.

Тој упати благодарност до сите свештеници, членови на црковниот одбор, чесни сестри и верници кои со својот придонес и молитва продолжуваат со побожноста кон Марија од Назарет и молитвата Света Бројаница. „Ова е Божјо дело, а не човечко. Како што Црквата продолжува да живее преку Светиот Дух и покрај сите искушенија така и Мајка Божја нема да дозволи оваа побожност да исчезне“ истакна епископот.

Во продолжение владиката Стојанов ги потсети верниците дека октомври е месец посветен на Светата Бројаница, цитирајќи ги зборовите на свети Иван Павле II: „Светата Бројаница е мојата омилена молитва. Прекрасна молитва! Прекрасна во својата едноставност! Прекрасна во својата длабочина! Во светата Бројаница ги повторуваме зборовите што Дева Марија ги слушнала од Архангелот и од нејзината роднина Елисавета. Црквата ги прифаќа овие зборови.“

Епископот ги повика верниците да не се срамат од Бројаницата, туку секојдневно да ја молат, за да бидат „светлина во светот и сол на земјата“. Тој потсети дека Светата Бројаница е скромна, но во исто време моќна, чудотворна и совршена молитва! Молитва на нашиот живот! Молитва за секого, во секое време и на секое места!

Проповедта ја заврши со молитва до Царицата на Светата Бројаница, со повик верниците да останат верни на Богородица, „која секогаш ги води своите чеда кон својот Син Исус Христос.

На крајот од светата Литургија, парохот о. Илија Стојанов упати благодарност до верниците, свештениците и волонтерите кои придонесоа за тродневницата и централната прослава.

Верниот народ за овој празник се подготви со тродневница во чест на Марија од Назарет, која оваа година се одржа на тема: „Марија – жена на вера, скромност и верност: модел за семејствата и младите денес“.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот