Епископот Стојанов повика на молитва за здравје на папата Фрањо

Епископот Стојанов повика на молитва за здравје на папата Фрањо

По повод сериозната здравствена состојба на папата Фрањо, кој од 14 февруари е хоспитализиран во Поликлиниката „Гемели“ во Рим, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати повик за молитва за здравје на Светиот Отец, папата Фрањо, во кој истакнува:

Во овие моменти, како Црква, повикани сме да се обединиме во молитва за неговото здравје, сила и брзо закрепнување. Да Го молиме Господ, Лекарот на душите и телата, да го зајакне со Својата милост и да му подари здравје, за да може и понатаму да ја води Христовата Црква.

При тоа епископот Стојанов ги повикува сите свештеници, монашки заедници, црковни движења и верници во нивните лични и заеднички молитви да го вклучат и Светиот Отец, особено за време на светите Литургии, Светата Бројаница, како и во другите молитви и побожности.

Епископот Стојанов завршува со зборовите: Нека Пресвета Богородица, Здравје на болните и Мајка на Црквата, го закрилува и застапува пред Господа.

Во прилог ја пренесуваме молитвата со која епископот Стојанов повикува на молитва за здравје на Светиот Отец, папата Фрањо.

Молитва за здравје на Светиот Отец

Милосрден Оче, Ти го постави Твојот слуга, папата Фрањо, за пастир на Твојата Црква, да ја води со љубов и вера. Во овие моменти на болест, Те молиме, Божествен Лекару, допри го со Твојата исцелителна десница и дарувај му сила во телото и храброст во духот.

Преку застапништвото на Пресвета Богородица, Мајка на Црквата, Те молиме да го прегрнеш со Твојата милост и грижа. Твојата божествена волја нека се исполни над него, а ние со вера го упатуваме овој молитвен повик во името на Твојот Син, нашиот Господ Исус Христос, кој живее и царува со Тебе во единството на Светиот Дух, Бог во вечни векови. Амин.

Оче наш… Радувај се Маријо… Слава на Отецот….

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот