На празникот Свети Климент Охридски, 8 декември 2023 година, во црквата во Стојаково која е посветена на овој македонски светител, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во заедништво со свештеници од епархијата: протојереј ставрофор отец Зоран И. Стоајнов – Декан на декантот Свети Кирил и Методиј, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, протојереј ставрофор отец Тома Ангел – парох во Богданци и Стојаково, протојереј ставрофор отец Марјан Ристов – епархиски канцелар, протојереј отец Гоце Костов парох во „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица и директор на Радио Марија, отец Оливер Тантушев – парох во Охрид, отец Ристо Самарџиски – парох во Гевгелија, отец Илија Стојанов – парох во Радово, отец Ванчо Назов – парох во Сарај и Чанаклија и отец Атанас Сирачев – капелан во Радово.
На светата Литургија присуствуваа сестри Евхаристинки од Гевгелија и Радово со нивната провинцијална настојателка сестра Бернардина Сирачева, верници од Стојаково, Богданци, Гевгелија и други места.
На почетокот од својата проповед епископот Стојанов се заблагодари на парохот отец Тома Ангелов за можноста да имаат евхаристиско заедништво во црквата посветена на Свети Климент Охридски и воедно ги поздрави присутните свештеници, чесни сестри и верници, честитајќи го патрониот празник на заедницата во Стојаково.
Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на Евангелието за Добриот Пастир, посветено за празникот на светителот при што рече: Евангелието ни го претставува Исус како Добриот Пастир кој се борел за своето стадо во смртна борба, се борел да го заштити, да му даде живот, и тоа живот, во изобилие, што на крајот го постигнал со своето воскресение.
Во продолжение тој истакна дека за пастирот не е важен бројот на стадото, не ги смета за бројки, туку ги знае своите овци по име, затоа што бројките се безначајни и додаде дека големината и славата на овчарот не зависат од бројната состојба на стадото, како што и силата на самото стадо не лежи во бројот на овците, туку од силата на пастирот, неговата способност и одлучност, исакнувајќи дека силата на Црквата е во силата на воскреснатиот Христос – Добриот Пастир.
Владиката Стојанов повика да молиме Господ да ѝ дарува на Црквата такви пастири кои по примерот и силата Христови ќе го штитат стадото, одејќи пред своето стадо, среќно да се стигне во вечниот живот.
Проповедта епископот Стојанов ја заврши со зборовите: „Затоа да се чествувањето на такви пастири како Свети Климент папа Римски и Свети Климент Охридски не охрабрува да не се плашиме од животот. Тоа нѐ поттикнува да ја положиме нашата доверба во Господа Бога“, повикувајќи иднината да ја гледаме со љубов и доверба во Господа Бога, како што беа и нашите заштитници Свети Климент папа Римски и Свети Климент Охридски.
На крајот од светата Литургија отец Тома Ангелов, парох во Богданци и Стојаково се заблагодари на епископот Стојанов за неговата пастирска грижа, на присутните свештеници, чесни сестри и верници, како и на оние кои го организираа агапето во дворот на црквата.
к.мк