Епископот Стојанов на Педесетница служеше Литургија со Миропомазание и Прва света Причест
Во недела, 24 мај 2026 година, на празникот Педесетница, познат и како Духовден, во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје епископот Стојанов служеше свечена света Литургија, на која верници, родители, кумови и роднини се собраа во молитвено заедништво по повод Прва Причест во Миропомазание во парохијата.
Со епископот Стојанов сослужуваа катедралниот парох патер Винко Маслаќ и бискупскиот секретар Марјан Ристов. Ѓаконската служба ја вршеше ѓаконот Спасе Спасов.
За време на Литургијата, четири млади ја примија Светата тајна Миропомазание, а седум деца за првпат пристапија кон светата Причест. Овој свечен момент беше голема радост за катедралната парохиска заедница, но и важен чекор во животот на верата за миропомазаниците и првопричесниците.
Во својата проповед, бискупот Стојанов го истакна значењето на Педесетница, нагласувајќи дека Светиот Дух ја оживува Црквата и ги зацврстува верниците во сведочењето на Христос. Тој потсети дека Миропомазанието ги повикува младите одговорно да ја живеат верата, а Првата света Причест е посебна средба со Исус Христос, изворот на животот и радоста. До родителите и кумовите упати повик да продолжат да ги придружуваат децата со личен пример, молитва и воспитување во верата во Христа.
Свечената Литургија беше збогатена со пеење на Катедралниот хор, под водство на Јулија Неловска, придружуван на оргули од Филип Костов.
к.мк

