Драги браќа свештеници!
Во овие посебни моменти кога најмногу се надеваме во Божјата провидност и молиме за дарот на непоколеблива надеж за сите наши верници, препознавајќи го овој момент како можност за продлабочување на верата на многу луѓе со добра волја, додека ги слушаме препораките од цивилните власти во поглед на нашето граѓанско однесување, би сакал да споделам и ја доставам до вас содржината од декретот и забелешката од Апостолската покорничара, објавени на 19 март 2020.
Секој верник може да добие опрост за себе и само за покојните души во чистилиштето. Верникот не може да го намени опростот за друг верник кој е жив. Причината е последователната врска помеѓу светата Тајна покора и опростот. Опростот за живи се стекнува со светотаинско разрешување. Не може да примиме светотаинско разрешување за некој друг, така што ќе ги исповедиме своите гревови. Со други зборови, опростот за живи зависи од чинот на сопствената волја, а не од исполнување на други услови.
За да се биде способен за добивање опрост потребно е да се исполнат следните услови: а) мора да биде крстен; б) канонски да не е исклучен од заедништвото на Црквата; в) да биде во состојба на милост барем на крајот од пропишаните дела; г) да има барем општа накана за да се стекне со опростот и во одредено време одговорно да ги изврши наложените дела.
Новиот декрет донесува посебни поволности за потполн опрост, кои можат да се искористат во ново настанатата ситуација во која живееме, односно: 1) условите за примање на потполн опрост во услови на пандемија на коронавирусот и 2) постапување во поглед на делење на светата Тајна исповед во истите околности.
Содржината на овие два документи, кои ги доставуваме во прилог, можат да помогнат во своите навистина длабоки и деликатни теолошки читања во оваа актуелна ситуација, како и во практичните упатства за кои ве молам да ги споделите со своите верници, било преку социјалните мрежи, било да бидат истакнати на огласните плочи од црквите. Заради подобро разбирање и примена овде накратко ја изнесувам суштината на тие документи.
1) Услови за примање потполн опрост во услови на пандемија на коронавирусот
Се доделува потполн опрост на следните групи верници:
а) кои се заразени со коронавирусот, потоа оние кои се наоѓаат во карантин во болници според одлука на здравствените власти или во сопствените домови;
б) членови од семејството на заразени лица или лица во карантин;
в) здравствените работници и сите, кои според примерот на милосрдниот Самарјанин, се изложени на ризик од заразата, помагајќи на заболените од коронавирусот.
Потполн опрост се доделува со следните услови (кои важат за сите три категории наведени погоре):
-доколку имааат внатрешно расположение да се одвојат од секој грев;
-доколку или духовно преку медиумите учествуваат во славењето на света Литургија или доколку измолат Света Бројаница, ја измолат побожноста Крстен Пат или друг облик на побожност, или ако барем го измолат Символот на верата и Оче наш и побожно ја повикаат Блажена Девица Марија, прикажувајќи го ова искушение во духот на верата во Бог и љубов кон браќата и сестрите.
– доколку имаат накана, кога тоа ќе биде можно, да ги исполнат и другите редовни услови за добивање потполн опрост, односно светотаинска исповед, причест и молитва по накана на Светиот Отец.
г) Освен на споменатите, потполн опрост се доделува и на сите верници кои молат за завршување на пандемијата, оздравување на заразените или за вечно спасение на оние кои Господ ги повика кај себе
Во овој случај потполн опрост се доделува со следните услови:
-доколку имааат внатрешно расположение да се одвојат од секој грев;
– доколку ја посетат Пресветата олтарска Тајна или учествуваат во евхаристиско обожавање, или читаат Свето Писмо за време барем од пола час, или измолат Света Бројаница или ја измолат побожноста Крстен Пат или ја измолат Бројаницата на Божјото милосрдие;
– доколку имаат накана, кога тоа ќе биде можно, да ги исполнат и другите редовни услови за добивање потполн опрост, односно светотаинска исповед, причест и молитва по накана на Светиот Отец.
2) Упаства за постапување во поглед на делење на светата Тајна исповед во услови на пандемија со коронавирусот
Во поглед на светата Тајна помирување, Апостолската покорничара ги истакнува одредбите од црковното право за тоа дека групно разрешување (односно без претходна поединечна исповед) може да биде поделено само во случај од смртна закана доколку нема време за слушање поединечни исповеди на верниците, или во случај на голема потреба доколку нема на располагање доволно исповедници, со обврска верникот кој прима такво разрешување во догледно време (кога тоа ќе биде можно) во редовен облик во поединечна исповед да ги исповеди тешките гревови, кои сега не може да ги исповеди (CIC can. 961 i 962 ili CCEO can. 720 §§2-3 i 721).
Во врска со тоа, Апостолската покорничара смета дека е настапена горе наведената состојба на голема потреба, посебно во местата кои најмногу се погодени од пандемската зараза.
Кога и да настапи ситуација од вонредна итност во поглед на поделување на светотаинско рззрешување за повеќе покорници истовремено, свештеникот мора претходно да го извести, во границите на можното, дијацезанскиот епископ, односно, ако не е можно претходно да го извести, нека го извести дијацезанскиот епископ штом ќе дозволат условите. Дијацезанскиот епископ може да одреди дека настапила ситуација со вонредна итност во која е допуштено да се подели групно разрешување на влезот од болничките одделнија, каде се наоѓаат заразени верници кои се наоѓаат во смртна опасност.
Со оглед на голема потреба за што говори документот за примена на светата Тајна помирување, а во кој е допуштено да се подели општо одрешување на верниците што се наоѓаат во животна опасност, во овој миг на подрачјето на Скопска бискупија и Струмичко-Скопската епархија Успение на Пресвета Богородица сè уште не постои таква состојба во која треба да се примени наведената можност. Паросите и парохиските викари ќе ја пратат ситуацијата на заразените верници од коронавирусот и ќе проценат дали за нив е потребно да се применат општите одредби, а претходно за тоа ќе побараат дозвола од својот дијацезански епископ.
Освен тоа, во случај поедини верници се најдат во неможност да примат светотаинско разрешување, се потсетува дека за простување на гревовите, вклучувајќи ги и тешките, се добива со следните услови:
-совршено покајание, кое произлегува од љубов кон Бог, кој најмногу е љубен од сè друго,
-Искрено барање на опрост, во било кој облик, со кој личноста во тој момент е способна да се изрази,
-сето тоа да биде пропратено со цврста одлука, кога тоа ќе биде можно, да се пристапи на светотаинска исповед.
Драги браќа свештеници и понатаму настојувајте истрајно секојдневно да служите света Литургија во парохиските цркви без народ, како што тоа е пропишано и сè додека важат мерките, прикажувајте ги за сите оние кои ви се доверени во вашата пасторална грижа, посебно болните, тешко загрозените и медицинските лица кои пожртвувано им служат.
Во оваа прилика сакам да ви заблагодарам за сè она што во овие тешки моменти го правите за Божјиот народ кој ви е доверен и ви ја искажувам својата близина и поддршка како би можеле заедно и понатаму да му служиме на Бог во неговото лозје за доброто на сите верници.
Нека сите вас во овие посебни околности ве прати Божијот благослов и застапништвото на Пресвета Богородица, Здравје на болните и нашата светица, света Мајка Тереза.
Ве поздравува во Господа
Ваш бискуп/епископ
+ Киро Стојанов
25 март 2020 година