Епископот Стојанов во Струмица молеше за починатите, повредените и погодените семејства од трагедијата во Кочани

По трагичниот настан во Кочани, наместо планираната трибина во парохиската црква „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица епископот Стојанов молеше Света Бројаница и Панахида, за погодените и починатите од трагедијата
Во недела 16 март 2025 година Н.В.П. монсињор Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх во парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица служеше Панахида за починатите од трагедијата во Кочани и заедно со свештеници од Струмичко-скопската епархија и верниот народ молеше Света Бројаница за повредените, семејствата на погодените и сите оние кои помагаат и се борат за нивните животи.
Во своето обраќање до верниците епископ Стојанов, поздравувајќи ги верниците им се заблагодари за присуството и подготвеноста како Црква заеднички да молиме, не само во радосните моменти, туку и во тажните, како што е овој. Во оваа прилика тој ги пренесе сочувствата упатени од папата Фрањо, кој ја ветува неговата духовна близина со повредените, истакнувајќи дека во неговите молитви ќе ги има оние кои ги загубија животите и моли небесна утеха за оние кои страдаат од последиците на ова тешко искушение.
Во молитвите епископот Стојанов му се придружија протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов, декан, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, протојереј отец Гоце Костов, парох и директор на Радио Марија, отец Илија Стојанов, парох во Радово, отец Ванчо Назов парох во Чанаклија и Сарај и капеланите во Струмица и Радово, отец Трајче Ташев и отец Атанас Сирачев.
Поради страшната трагедија која се случи во Кочани, во која згаснаа голем број млади животи, а стотици се повредени, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов ја одложи трибината за Јубилејната година и наместо неа одлучи да служи Панахида за починатите во пожарот во Кочани во терминот и местото кои беа предвидени за трибината.
к.мк