Епископот Стојанов во Петралинци
На третиот ден на Божиќ, на празникот свети Стефан Првомаченик, Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, ја предводеше светата Литургија во парохија „Свети Кирил и Методиј “ во Петралинци. На светата Литургија сослужуваа о. Ѓорѓи Појразов парох, о. Тони Ангелов парох во Штип, и отец ѓакон Илија Стојанов, а присуствуваа и голем број верници.
Во својата проповед епископот Стојанов зборуваше дека поради љубов Синот Божји стана човек, стана еден од нас. Истакна дека Божиќ и празникот Свети Стефан се длабоко поврзани, како срцето и крвта, Божиќ е празник на срцето, а свети Стефан на крвта. Исто така владиката истакна дека на вториот ден на Божиќ беше прогласена Година на семејството во Македонија и додаде дека семејството е Божја институција и како таква го сочинуваат татко, мајка и деца и тоа е Божји дар.
По завршувањето на светата Литургија беше благословена црковната чешма. По иницијатива на црковниот одбор заедно со тогашниот парох о. Гоце Костов во 2009 година, беа собрани средства за бушење на извор за жива вода. Цевките се донација на Ристо Мицев, а изворот е на длабочина од 60 метри . Чешмата е поставена во 2010 година и е дар од Ѓорѓи Ичев, а во монтажата и обработката со камен помогнаа Ванчо Шутевски и Ристо Ѓорѓиев.
Д.И.