Со ова претпоставено интервју на Католици.мк со сестра Еврозија Алоати, основателката на сестрите Евхаристински, го завршуваме овој циклус статии поврзани со оваа монашка заедница.
Наш соговорник е сестра Еврозија Алоати, основателка на монашката заедница на сестрите Евхаристинки. Родена е 1859 година, во Торино. Ирина, Адела, Тереза, Пулхерија се првите евхаристинки – петте основни камења со кои сестра Еврозија заедно со нејзиниот брат Јосиф Алоати, мисионер во Мисијата на оците лазаристи во Македонија, го започнуваат Божјото дело на 21 април 1889 година во Солун, чија цел е не само на обожавање на светата Причест, туку тие ја следат и другата сестра на Лазар – Марта, која му служела на Христа. Бројот на сестрите се зголемува и се отвораат нови Евхаристински домови. Сестрите се грижат за духовно воспитување на жените и девојчињата, за чистотата и убавината на олтарите. Сѐ прават за нивниот Исус во Пресветата Евхаристија.
Слава на Исуса Христа, сестрa Марија Христина Исусова! Ви благодариме за подготвеноста да го споделите искуството за вашиот духовен повик. За почеток, накрaтко претставете ни се?
Јас сум сестра Марија Христина Исусова, сестра Eвхаристинка родена во градчето Виластелоне, во Италија, во семејството на Катерина Кико и Петар Алоати. Потекнувам од набожно христијанско семејство: редовно се молевме, одевме на света Литургија. Мајка ми Катерина нѐ воспита во христијански дух, и ни вдахна непоколеблива вера во Бог, љубов кон молитвата и примерна набожност.
Вие поттекнувате од многудетно семејство, иако како мајка се грижевте за вашите постари братчиња и сестрички: Христина, Марија и Франческо, поради болеста на вашата мајка, сепак посебно бевте приврзана кон својот најстар брат Јосиф.
Првородениот син во семејството Алоати ми беше жив пример во семејството кој ме насочуваше кон доброто и благородното. Како деца најомилени игри ни беа да правиме мали олтари, кога брат ми Јосиф уште на 6 години се замислуваше свештеник кој пред малиот олтар ја читаше светата Литургија и благословуваше, мое пак најголемо задоволство беше да служам околу олтарот да го украсувам, да го одржувам, да биде чист. Му благодарам на Бог, што Јосиф стана свештеник и мисионер во Македонија.
Кој беше вашиот мотив да се одлучите за монашки живот?
Никаква световна љубов не проникна во моето срце, секогаш во себе имав длабока желба да Му се посветам на Бог. Длабоко во своето срце чувствував дека Господ ме сака целата. За да ја запознаам Божјата волја многу молев. Добив одговорот од Бог дека неговата волја е да отидам кај брат ми Јосиф во Македонија. Започнав деветдневна молитва до Пресвета Богородица Помошничка на христијаните, за Дева Марија да ми помогне да ја спознаам Божјата волја за мојот повик. На последниот ден од молитвата заедно со сестра ми и братучетка ми отидовме на света Литургија во црквата на дон Боско во Валдоко. По завршувањето на Литургијата верниците навалуваа кај сакристијата за да добијат благослов од дон Боско, а јас знаејќи дека во таа навалица не би можела да позборувам со светиот свештеник, ги пуштив двете девојчиња да отидат кај него. Кога тие дошле до дон Боско тој им рекол: „А каде е вашата другарка?“ Тие одговориле: „Ја оставивме во црквата.“ „Кажете ѝ да дојде,“ им рекол дон Боско. Кога јас целата вцрвенета од срам му ја целивав раката на дон Боско, тој ми рече: „Ти си барала знак од Света Богородица и таа ти го дава преку мене. Оди во Солун и стави се на располагање на твојот брат Јосиф, прави така како што ќе ти каже тој. Така, преку дон Боско Бог ми ја објави својата волја.
Дали беше тешко да се донесе таква одлука?
Навистина многу ги сакам моите родители, браќата и сестрите, но моето срце беше посветено на Небесниот Младоженец, на преблагиот Исус. Повеќе од пет години водев борба со самата себе, страдав, плачев. Небесниот Младоженец ми даде храброст за да можам херојски да го жртвувам своето семејство, татковината и сѐ најмило, за да отидам во далечна земја и да Му служам… На крајот сите пречки беа совладани и на 3 февруари 1888 година заминав за Македонија, за да Му служам на Исуса меѓу набожното македонско население.
Додека мислата за монашкиот живот сѐ повеќе го заземала вашето срце, имало момчиња кои копнееле да ја најдат својата семејна среќа, поврзувајќи ги деновите со вас, бидејќи сте биле позната во целиот град Торино по својот примерен живот и со своите христијански добродетели.
Посветено ги читав животите на светците и знаев дека сите патишта можат да водат кон Бог. Примерот на Марта и Марија постојано ми беше пред очи. Некои набожни жени го добиле звањето на Марта – да работат во семејството за посветување на своите души, вршејќи ги обичните домашни работи, други пак повикани кон поголемо совршенство, треба да го напуштат светот, далеку од светот да слушнат за Христа. Дали да се биде Марта или Марија – често пати си го поставував оваа прашање. Едно примерно момче, добар христијанин, кој се исповедаше кај мојот духовник, стори сѐ за да ја добие мојата рака. Еден ден го замолил мојот духовник да ми предаде писмо, иако мојот духовник го предупредил дека ја згрешил адресата, сепак добриот свештеник за да не откаже, му рекол дека ќе се потруди да ми го прочита. Кога го слушнав тоа, смеејќи се му одговорив на свештеникот: „Оче, јас го барам Творецот, а вие ми предлагате едно создание!“ Мојот единствен Младоженец е Исус!
На крај, што ќе им порачате на нашите читатели, посебно на оние кои размислуваат целосно да Му се посветат на Бог?
Земете го примерот од пчелата. Гледај како влегува во прашникот на цветот, трудољубиво бара и собира цветен прав за мед… Следи ја! Влези во Исусовото Срце, расположи се во Него и таму молчи, плачи, моли, љуби, барај, зборувај Му на Исус и слушај што ти кажува Тој… Ти го имаш неговото Срце, а Тој твоето. Кога Исус ќе биде сѐ за нас во сите нешта, тогаш ние ќе ја откриеме големата тајна, да имаме мир и тишина во поголемите искушенија – единство и взаемна љубов, кои се како рај на земјата, зашто таму каде е Исус е вистинскиот Рај.
(Одговорите за сестра Еврозија Алоати се земени од книгата „Благородното дело на отец Јосиф и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Христо Драгов и книгата Животот на Еврозија Алоати сестра Марија Христина Исусова од Отец Јосиф Алоати свештеник од мисијата на отците Лазаристи)
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк