„Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него. И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: «Учителот вели: каде е собата, во која ќе ја јадам пасхата со учениците Свои?» И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.“ (Мк 14, 13-15).
Денес го славиме дарот од телото и крвта на Нашиот Господ. Во литургијата зборуваме за „новиот и вечен Сојуз“. Стариот Сојуз беше оној од Стариот Завет, и историјата покажува дека народот не го почитувал. Ова е причината зошто имаме потреба од еден Нов Сојуз, каде што оној кој е радикално лојален на сето она што се бара од него и му се посветува на Отецот, некој кој вели: „Не мојата, туку твојата волја“.
Стариот Завет – и нашето искуство – покажуваат дека, со сета добра волја, не сме во состојба да одржуваме еден таков став, туку имаме потреба Христос да го земе нашето тело и да влезе во вистински сојуз со Отецот. Кога Исус го зеде нашето тело, го воведе елементот на вечноста во човечкиот дел од сојузот.
Господ Исус во своето тело го живее ова заедништво помеѓу Бог и човештвото. Ова го прави возможно заедништвото со Бога, кое што е и значењето на празникот кој го славиме. Неговото тело и нашето се нурнуваат едно во друго. Овде не станува збор само да се разбере она што Бог вели, или да го почитуваме тоа што го вели, туку, овде се отвора можност да се биде дел од Него и да Го имаме како дел од нас.
Како се влегува во ова? Како се прифаќа оваа толку возвишена димензија? Евангелието во себе го носи патот на оваа огромна благодат. Учениците прашуваат каде ќе се подготви Пасхата за Исус. Да се прими Нашиот Господ не е еден магичен настан, туку потребна е една подготовка, една педагогија. Нашето прифаќање и нашето учество се всушност од голема важност: без слободна и автентична согласност, ништо вистински не допира до нас.
Тогаш да ја видиме стратегијата за да се доближиме: учениците, одејќи кон градот, треба да сретнат човек со стомна вода и треба да го следат. Отците на Црквата во оваа средба гледаат симбол на Крштението. Треба да ги следиме крштелните води кои прокламираат тоа што навистина сме – односно дека сме Божји деца – за да стигнеме до храната од која имаме потреба за да живееме според она достоинство, до Евхаристијата.
ПОВИСОКО НИВО. Тогаш учениците ќе бидат однесени во куќата која има соодветна соба во горниот кат. Куќата на новиот сојуз не се протега хоризонтално, но има нешто повеќе. Овде се искачува на повисоко ниво, водени од водата на нашето Крштение.
Нашето достоинство како деца нѐ носи во горната одаја. Навистина ние сме благородни, убави и важни, и избрани за извнонредни дарови. Но сето тоа треба да го прифатиме, и да се искачиме на овој возвишен кат, на местото на обединување со Бога кој е Евхаристија, знак на Небото. Повикани сме да бидеме едно со Христовото тело, со неговата форма да го живееме човечкото постоење, и ова искуство на интимност е најавтентичното ниво од нашето битие. Едно е секој ден да се живее според хоризонталната логика, овоземната, друго е да се живее постоењето-егзистенцијата како тело Христово. Ова бара да се размислува на вертикален начин, според размислувањето на Бога. На погорниот кат се станува едно со Христос. Алтернативата е еден банален живот.
Фамилиа Кристиана/З.А.