Европските бискупи обединети во молитва за мир во Украина и Светата Земја

Европските бискупи обединети во молитва за мир во Украина и Светата Земја

За време на Великиот пост, европските епископи ќе молат за невооружен и разоружувачки мир

Европските бискупи и оваа година, за време на Великиот пост, ќе се обединат во молитва за „мир без оружје и мир што разоружува“ во Украина, Светата Земја и во целиот свет, се вели во соопштението на Советот на европските бискупски конференции (CCEE), објавено во понеделник, 16 февруари 2026 година.

Иницијативата започнува на Чиста среда (Пепелница), 18 февруари, и трае во текот на целиот Велик пост. Црквата во Европа се собира околу евхаристиската трпеза за да го измоли дарот на мирот во свет обележан со војни и тензии.

Во иницијативата учествуваат сите членки на CCEE, а секоја национална бискупска конференција е повикана да организира најмалку една света Литургија, а наканата да биде посветена за жртвите на војната и да измоли мир од Господ.

Молитвениот синџир започнува на 18 февруари во Албанија, каде што сите бискупи ќе служат света Литургија во катедралите на своите бискупии во 17:00 часот, а завршува на 2 април во Унгарија.

Според распоредот објавен од Советот на европските бискупски конференции, молитвениот ден за бискупиите во склоп на Меѓународната бискупска конференција Свети Кирил и Методиј е предвиден за 27 март

Според објавениот список, „Евхаристискиот синџир“ се одржува во Албанија, Австрија, Белгија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Чешка, Естонија, Франција, Грција, Хрватска, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Унгарија, Малта, Молдавија, Монако, Германија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Русија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија, Турција, Украина (гркокатолички и латински обред), Обединетото Кралство (Англија и Велс, Шкотска), како и во нордиските земји и на подрачјето на Меѓународната бискупска конференција Свети Кирил и Методиј, која ги опфаќа Македонија, Србија, Косово и Црна Гора.

Иницијативата на Советот на европските бискупски конференции наречена „Евхаристиски синџир“ за време на Великиот пост, стана редовен молитвен момент за епископските конференции во Европа и има цел да понуди искуство на заедништво и видлив знак на надеж за целиот европски континент. И, како што нè повикува Светиот Отец: „Да се отвориме за мирот! Да го прифатиме и да го препознаеме, наместо да веруваме дека е невозможен и дека е надвор од нашиот дофат. Мирот е повеќе од цел; тој е присуство и пат.“ (Порака на папата Лав XIV за 59. Светски ден на мирот)

CCEE/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот