Дел од проблемот, се вели во извештајот, лежи во начинот на размислување дека христијаните во Европа не можат да бидат дискриминирани бидејќи се мнозинство. Но, важно е да се направи разлика помеѓу културолошкото христијанство, кое сè уште претставува мнозинство во Европа, и христијаните кои ја практикуваат својата вера.
Злосторствата од омраза кон христијаните се во пораст во Европа, според извештајот објавен оваа недела, пренесува CNA.
Опсерваторијата за нетолеранција и дискриминација против христијаните (OIDAC) во Европа забележа повеќе од 500 злосторства од омраза кон христијаните, вклучително и четири убиства, во текот на 2021 година.
Од 2005 година, оваа организација со седиште во Виена евидентира случаи на дискриминација и други злосторства од омраза против христијаните, од вандализам до убиства. Податоците за сите инциденти се јавно достапни и проверливи од секого, но извештајот се фокусира и на недостатокот на медиумско покривање на случаите што ги наведува.
Според бројките за 2021 година, злосторства против христијаните од омраза се забележани во 19 европски земји. Има 14 случаи на физички напад, а четворица христијани се убиени.
Од околу 500 злосторства од омраза, приближно 300 се дела на вандализам, како што се оштетување на имот или сквернавење. Има околу 80 случаи на кражби, а меѓу нив има и црковен имот, како и осветени хостии. Дополнително, има околу 60 случаи на подметнување пожари, од кои само дел успеале.
Авторите на извештајот изразуваат загриженост затоа што злосторствата од омраза против христијаните често се занемаруваат или не се сфаќаат доволно сериозно, за разлика од третманот што го добиваат случаите на исламофобија и антисемитизам.
Дел од проблемот, се вели во извештајот, лежи во начинот на размислување дека христијаните во Европа не можат да бидат дискриминирани бидејќи се мнозинство. Сепак, како што наведуваат авторите, „иако малцинствата можеби се поранливи во нивната изложеност на дискриминација, историјата покажува дека верувањето дека мнозинските групи не можат да бидат подложени на дискриминација е погрешно и неосновано“.
„Повеќе од бројките, зависи од тоа кои групи имаат поголема моќ во обликувањето на политичкиот дискурс, дискриминирајќи, навредувајќи или напаѓајќи одредени групи без да се соочат со последици. Во исто време, важно е да се воспостави разлика помеѓу културолошко христијанство, кое сè уште претставува мнозинство во Европа, и христијаните кои ја практикуваат верата“.
Извештајот, исто така, го нагласува недостатокот на медиумско покривање и свесност за овие инциденти, а произлегува од автоцензура во области како што се образованието, работното место, јавната сфера, приватните интеракции и медиумските платформи.
Меѓу случаите вклучени во извештајот се, на пример, нападите врз црковниот имот во Франција од страна на левичарски екстремисти во мај и, во декември, од страна на радикални исламисти. Во август, свештеник во Велика Британија бил испрашуван од полицијата затоа што гласно ја читал Библијата покрај железничката станица во Лондон.
Во текот на 2021 година, медиумите и политичките групи ги подложија христијаните на стереотипи, се додава во извештајот. Христијански здруженија беа забранети на социјалните мрежи поради изразување на сопствени ставови, додека навреди и говор на омраза кон христијаните беа дозволени на истите тие платформи.
Во написите во весниците, христијанството често се опишува како „опасна идеологија“, а верниците како „верски фанатици“.
Германија, Шпанија и Велика Британија создадоа „безбедни зони“ пред клиниките за абортус, каде што се криминализираат молитвите за неродените и другите форми на мирен активизам, се наведува во извештајот.
Извештајот го опфаќа и добро познатиот случај на финската политичарка Паиви Расанен , која беше обвинета за говор на омраза затоа што ја цитирала Библијата на тема хомосексуалност, но на крајот беше ослободена од сите обвиненија.
Во извештајот се спомнуваат и нови закони кои во делови од Европа наметнуваат идеологизирано сексуално образование, кое често вклучува родова теорија, и кое – според авторите – ја загрозува можноста родителите да ја одредуваат содржината на образованието за сопствените деца.
Авторите исто така ги проблематизираат и законските решенија според кои малолетниците имаат право сами да одлучуваат за за абортус и операции промена на полот, како и за општествениот третман на црквите за време на пандемијата од коронавирус.
Во својот заклучок, авторите ги повикуваат „политичарите, новинарите и другите јавни личности“ да поддржат „градење на потолерантно општество“.
Ватикан њуз/к.мк