Сите христијани имаа должност и послание да евангелизираат, барајќи милост да бидат слушатели на Духот, како би биле во излегување, сведочејќи ја пред луѓето близината и земајќи ја како појдовна точка конкретната ситуација, а не теорија – истакна Папата за време на светата Миса, која ја служеше во четврток 19 април 2018 година во капелата на домот Света Марта. Светиот Отец во својата проповед се задржа на денешното литургиско читање од Делата на светите апостоли, каде читаме како ангелот Господв се обраќа на Филип со зборовите: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст” (Дела 8,26).
Ветарот на прогонство го сее Божјото Слово
Папата потсети дека после мачеништвото на Стефан започнува големо прогонство за христијаните и учениците се распрснале низ сите краеви јудејски и самаријски. Токму тој „ветар на прогонство“ ги поттикна учениците да одат на некое друго место.
Како што ветарот тоа го прави со семињата на билките, носејќи ги некаде на друго место и посевајќи ги, така се случило и тука: тие заминале со семето на Словото некаде на друго место и го посеале Словото Божјо. (…) Врз основа на прогонството, со ветарот, учениците ја носеле евангелизацијата. Господ евангелизира, навестува на тој начин. На тој начин сака Господ и ние да евангелизираме – рече Светиот Отец.
Не постои „евангелизација од фотелја“
Папата истакна дека секој христијанин има задача и послание кое треба да го оствари, а тоа е да евангелизира. При тоа предложи три клучни збора како би разбрале што е тоа евангелизација: „стани“, „приближи се“ и „започни од реалната ситауција“.
Евангелизацијата не е добро направена програма за прозелетирање – предупреди папата Фрањо. Вистинската евангелизација се случува преку делувањето на Светиот Дух. Духот е тој кој на таинствен начин нѐ упатува каде треба да одиме и на кого да го донeсуваме името Исусово.
Духот започнува да зборува: „Стани и оди“. Стани и оди на тоа место. Не постои евангелизација „од фотелја“. „Стани и оди“. Секогаш во движење. Оди таму каде мораш да го навестуваш Словото – рече Светиот Отец.
Потоа Папата потсети дека многу мажи и жени оставиле сѐ. Својата татковина и семејство, како би го навестувале Словото Божјо во далечни земји. Напомена дека многумина, бидејќи физички не биле подготвени, односно затоа што немале антитела како би се спротивставиле на болестите во тие земји, умирале млади или како маченици. Папата Фрањо смета дека тука станува збор за „маченици на евангелизацијата“, како што еднаш рече еден кардинал.
Да се започне од конкретна ситуација
Наместо да започнеме со теорија, Светиот Отец рече дека треба да се приближиме до она што навистина се случува и да започнеме од тоа. Папата Фрањо тоа го објасни со примерот на Филип, кој го евангелизира етиопскиот евнух.
Не може да се евангелизира со теорија – предупреди Папата. Евангелизацијата се случува директно меѓу луѓето. Започнува од ситуација, а не од теорија. Филип го навестува Исус Христос и храброста на Духот го поттикнува да го крсти евнухот. Оди понатаму, оди додека не почувствуваш дека неговото дело е довршено. Така се евангелизира – рече Папата.
Тие зборови се клуч за сите христијани, кои требаме да евангелизираме со своите животи, својот пример, па и со своите зборови. Истакна дека е потребно да се „стане“ „да се приближи“ и да се „започне од конкретната ситуација“. Станува збор за едноставна метода, но тоа е Исусовата метода. Исус на тој начин евангелизира – рече Папата. Секогаш бил во движење, секогаш на пат, секогаш близу до луѓето и секогаш започнува од конкретни ситуации. Да се евангелизира е можно само со помош на овие три става, но благодарејќи само на Духот. Без Духот не користат ниту тие три става. Духот е тој кој нѐ поттикнува да станеме, да се приближиме и да започнеме од конкретна ситуација – ја заврши папата Фрањо својата проповед.
РВ/к.мк