Духовни вежби за Ватиканската курија: Покрај тебе ќе паднат илјада

Духовни вежби за Ватиканската курија: Покрај тебе ќе паднат илјада

Бискупот Ерик Варден го одржа своето шесто размислување на Духовните вежби во Ватикан за папата Лав XIV, кардиналите што престојуваат во Рим и раководителите на Дикастериите, на тема: „Паѓањето на илјадници“. Следува резиме од неговото размислување.

Паѓањата можат да нè смирaт кога сме возгордеани, покажувајќи ја Божјата сила да спасува. Тие можат да станат пресвртници на личниот пат на спасение, кои подоцна ги паметиме со благодарност.

Сепак, не смееме да бидеме наивни. Не завршува секое паѓање со олеснување и обновена радост. Постојат паѓања што носат тежок мирис на духовна пропаст, донесуваат разурнување на виновните и оставаат зад себе траги на рушевини. Тие траги често се широки и долги, вовлекувајќи и многу невини. Затоа е потребна крепост за, заедно со свети Бернард, да му се пристапи на стихот од Псалм 90 што започнува: „Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе; но до тебе нема да се приближат“.

Ништо не ѝ нанело на Црквата потрагична штета и не го компромитира нашето сведоштво повеќе од расипаноста што се родила во сопствениот дом. Најтешката криза на Црквата не ја предизвикала противењето на светот, туку црковната расипаност. Раните што настанале ќе бараат време за да заздрават. Тие повикуваат на правда и на солзи.

Кога сме лице в лице со расипаноста, особено кога се соочуваме со злоупотреби, лесно е да бараме „болен корен“. Очекуваме да најдеме рани предупредувачки знаци што биле игнорирани, пропуст во проверките, првичен образец на отстапување. Понекогаш такви траги навистина постојат и имаме причина да се прекориме што не сме ги забележале навреме. Но, тие не се присутни секогаш.

Можеме да го препознаеме и големото, радосно добро што често се јавува во почетоците на заедници кои подоцна се поврзале со скандал. Не можеме да претпоставиме дека уште од почеток имало структурна дволичност, дека основачите биле „избелени гробови“. Понекогаш навистина се гледаат знаци на вдахновение, па дури и траги на светост. Како да се објасни тоа, а истовремено и искривените развои што следеле?

Световниот начин на мислење често поедноставува: кога ќе се случи несреќа, веднаш прогласува „чудовишта“ и „жртви“.

Црквата, кога ќе се сети да ги кроисти, има попрефинети и поефикасни алатки.

Свети Бернард потсетува дека таму каде што луѓето се стремат кон возвишени цели, нападите на непријателот ќе бидат жестоки. Тој забележува дека „духовните луѓе во Црквата се напаѓаат многу пострашно од оние што се телесни“. Тоа, според него, го објаснува јазикот на псалмот за „лево“ и „десно“: левото ја означува нашата телесна природа, а десното духовната. Жртвите се побројни на десната страна, затоа што таму, на духовното боиште, се користат најсмртоносните оружја.

Иако сериозно ја сфаќа духовната борба, тоа не значи дека Бернард секоја духовна болест ја припишува на „надворешни злосторници“. Тој ги смета мажите и жените за одговорни за начинот на кој ја користат својата слобода. Неговата поента е дека човечката природа е една. Кога навлегуваме подлабоко во духовниот живот, неизбежно се разоткриваат и други длабочини: егзистенцијална глад, ранливост, копнеж по утеха. Таквите состојби можат да се појават и како последица на напад.

Напредокот во духовниот живот бара нашето телесно и чувствително „јас“ да се усогласи со созревање во контемплација. Целосноста на еден духовен учител се гледа во неговото однесување, но не само таму. Таа се покажува и во секојдневните навики, во држењето меѓу луѓето, во односот кон туѓото восхитување и пофалби.

Духовниот живот не е додаток на останатиот живот. Тој е неговата душа. Затоа треба да се чуваме од секој дуализам, секогаш помнејќи дека Словото стана тело за нашето тело да биде проникнато со Логосот. Треба да бидеме будни и на левата и на десната страна, истовремено внимавајќи да не го помешаме левото со десното, ниту десното со левото. Треба да научиме да живееме со мир и во телесната и во духовната природа, за Христос, нашиот Учител, да владее мирно во двете.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот