Бискупот Ерик Варден го одржа четврто размислување на Духовните вежби во Ватикан за папата Лав XIV, кардиналите што престојуваат во Рим и членовите на дикастерите, на тема: „Да се биде слободен“. Следува резиме од неговото размислување.
Поимот „слобода“ стана спорен во јавниот дискурс. Слободата е добро кон кое сите тежнееме, и се спротивставуваме на сè што ѝ се заканува да ја скрати или да ја ограничи. Затоа, вокабуларот на слободата е ефикасна реторичка алатка.
Тврдењата дека слободата на оваа група е загрозена предизвикува непосредни реакции на огорченост на интернет. Тоа може да ги мобилизира луѓето да појдат на плоштад.
Оваа состојба претставува предизвик за христијаните. Од суштинско значење е да се квалификува што мислиме кога, во контекст на верата, зборуваме за ослободување. Тоа е она што го прави Бернард кога го коментира стихот: „Зашто ме ослободи од стапицата на ловците и од горчливиот збор“.
За Бернард е очигледно дека вистинската слобода не е „природна“ за паднатиот човек. Она што ни изгледа природно е да биде по наше, да ги задоволиме желбите и да ги оствариме плановите без пречки, да се фалиме и да бидеме фалени за нашите „сјајни моменти“. Бернард, обраќајќи му се на човекот во таква заблуда, со фин сарказам вели: „Кој мислиш дека си, незнајко?! Си станал ѕвер за кој се поставуваат замки.“
Фактот дека толку лесно се сопнуваме, дека постојано паѓаме во истите стари замки, иако многу добро знаеме каде се, за него е доволен доказ дека не сме слободни, дека сами од себе не можеме да напредуваме стабилно кон вистинската цел на животот, туку се предаваме на разни пречки и одвлекувања.
Втемелувајќи го своето разбирање на слободата во „Да!“ на Синот за волјата на Отецот, Бернард прави пресврт во нашето сфаќање за тоа што значи да се биде слободен. Христијанската слобода не е во тоа да се зграпчи светот со сила. Таа е во тоа светот да се љуби со распната љубов, доволно великодушна да нè направи едно со Христос слободно да посакаме, да го дадеме својот живот за него, за тој да стане слободен.
Потребна е претпазливост кога слободата, заробена со сила, се манипулира како средство за да се оправдаат дејствата на безлични субјекти, како „Партијата“, „Економијата“ или дури „Историјата“. Во христијанското мислење, ниедна угнетувачка политика не може да се оправда со повикување на идеолошка „слобода“. Единствената смислена слобода е личната, и слободата на еден човек не може да ја поништи слободата на друг.
Да се прифати христијанската идеја за слобода значи да се прифати болката. Кога Христос ни вели: „Не противете се на злото“, Тој не нè повикува да ја оправдуваме неправдата. Тој ни покажува дека на каузата за правда понекогаш најдобро се служи со тоа што ќе се страда за неа, одбивајќи да се возврати на силата со сила.
Нашиот знак на слободата останува Синот Божји, Кој „се поништи Себеси“.
Ватикан њуз/к.мк

