Духовниот повик – радикално наследување на Христос

Духовниот повик – радикално наследување на Христос

Бог не престанува да повикува работници во жетвата своја, но дали повиканите се подготвени да одговорат, да остават сѐ, да ја загубат својата сигурност, да прекинат со минатото, да живеат во сегашноста, а иднината да ја препуштат на неговото водство и да појдат како Авраат во непознато!

Живееме во време во кое можеби повеќе од било кога се чувствува криза за духовни звања како монашки така и свештенички! Причините за таквата состојба се обидуваме да ги пронајдеме во семејствата со сѐ помалку деца, во парохиските заедници кои не го сведочат Христос на автентичен, жив и радикален начин, во општеството во кое духовните вредности го загубиле своето место на врвот на скалата на човечките вредности, во времето во кое љубовта, жртвата и одрекувањето ја загубиле својата смисла, а верата и животот се сфаќаат како две целосно различни димензии на човечкото битие, забораваме и некако во втор план го ставаме Божјиот повик и задачата упатена до сите нас: „Затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“ (Матеј 9, 38) Иако Бог е Господар на своето лозје и повикува и испраќа работници во жетвата своја, сите нас заедно нѐ повикува на упорна молитва и автентичен пример да подготвиме плодно тло за раст и развој на духовни звања.

Духовниот повик е Божји дар примен не според нашите лични заслуги, квалитети и способности. Напротив тој дар е од чистата несебична Божја љубов која повиканиот не го остава во пасивност, туку го повикува на одговор на љубовта и целосно посветување на водството на Отецот. Тој дар често е во спротивност со нашите лични стандарни и човечки очекувања затоа што Бог е оној кој за разлика од човекот не гледа на очите, туку на срцето! Бог во текот на целата историја на спасение постојано ја покажува чудесноста на своето делување, повикувајќи ги избраните на радикално живеење на Божјиот закон и постојано барање и вршење на Божјата волја!

Така во Стариот Завет во тешките и кризни моменти во историјата на својот народ Бог го упатува својот повик до пророците. Одговарајќи на Божјиот повик целиот нивен живот и делување станува апел и пророчки знак на народот дека се приближило времето за нивно преобраќање и повторно враќање кај Бог или во спротивно доаѓа време на нивната пропаст и отфрленост. Во Новиот Завет преку својот Син Бог упатува повик на уште порадикално наследување и вршење на Божјата волја според евангелските совети на чистота, сиромаштво и послушност.

Бог ниту денес не престанува да повикува работници во жетвата своја, но прашањето е дали повиканите се подготвени да одговорат на Божјиот повик, да остават сѐ, да ја загубат својата сигурност, да прекинат со минатото, да живеат во сегашноста, а иднината да ја препуштат на неговото водство и да појдат како Авраат во непознато! Божјиот повик кој во повиканиот предизвикува изворедно прекинување и дисконтинуитет со сопственото минато е моментот во кој повиканите не доживуваат просветлување за својот живот. Божјиот повик кој го вклучува човечкиот одговор е токму спротивното – скок во празно! Единствена сигурност која човекот во моментот на Божјиот повик може да ја поседува е живата вера во Божјата моќ и верноста на своите ветувања односно довербата во Бог дека делото кое во него го започнал ќе го води до крај.

На овие карактеристики на духовниот повик се заснова одлуката на повиканата личност радосно да одговори на Божјиот повик и во животот радикално да го оствари својот пат во наследувањето на Христос, следејќи го Неговиот пример на послушност на волјата на Отецот и посветеноста на срцето без компромиси и без повлекување пред жртвата на крстот! Но, за таквата одлука покрај верата и целосната посветеност на Божјото водство потребна е и силата на духот, одлучност на волјата како и зрелост на личноста која е подготвена целосно да се вложи себе и својот живот во остварувањето на иделите кои ги открила и препознала во Христос.

Затоа оние кои чувствуваат Божји повик сакам да им кажам само едно: „Не плаши се! Послушај го само гласот на своето срце и храбро тргни по оној кој прв те возљуби, засака и повика! Не плаши се да бидеш апостол на Срцето од љубовта кон човекот на крстот прободено! Тоа е пат на радост, живот исполнет со смисла и среќа, искуства дека се исплаќа да се живее за другите, но и пат на жртви, одрекувања и секојдневно определување за Него! Исус кој те повика останува и верен на своите ветувања. И самиот кажал: „И секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен.“ (Мaтej 19, 29)

Прифати го предизвикот на Божјиот повик, одврзи го јажето на својот животен кораб и заплови во немирното море – светот заедно со својот капитен Христос и Неговата радосна вест живеј ја, сведочи ја и навестувај ја на другите!

РВ/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот