Духовден – трет ден

Духовден – трет ден

Црквата живее во Духот Христов

За време на Велигденското време литургијата ни даваше можност да размислуваме за присуството на Воскреснатиот во Црквата, за дарот на Духот, за Црквата како знак и објавување на новиот живот роден од Господовата Пасха. Од Духовден па натаму Литургијата ја претставува новата реалност на Црквата, плодот од Воскресението и дарот од Светиот Дух.

Духот на универзалниот и дефинитивен завет

Свети Евангелист Лука раскажувајќи го настанот на Педесетницата ни овозможува сликовито да направиме паралела помеѓу Педесетницата од Синај (сп. 2 Мојсеева 19, 3-25; 31,18) и онаа од Ерусалим.

– На Синај, сиот народ беше собран заедно; огнот и ветерот го манифестираа Божјото присуство на планината; Бог тогаш го дава на Мојсеј законот на Заветот;

– Во Ерусалим, апостолите беа собрани „сите заедно и еднодушни“ (Дела 2,1); во куќата во која беа собрани се манифестираа истите феномени како на Синај (р. 2-3); Бог го испрати Духот на новиот Завет (р. 4).

Оваа е новоста на Христијанската Педесетница: новиот и дефинитивен Завет е заснован не повеќе врз основа на еден закон напишан на камени плочи, туку врз делувањето на Божјиот Дух. Се подразбира дека „без Светиот Дух, Бог е далеку, Христос останува во минатото, евангелието е мртво писмо, Црквата е една обична организација, авторитетот – една моќ, мисијата – една пропаганда, обредот – еден архаизам, моралното дејствување – едно дејствување на робови.

Но во Светиот Дух универзумот е облагороден за генерациите од Царството Божјо, воскреснатиот Христос останува секогаш присутен, Евангелието дава сила и живот, Црквата го реализира заедништвото на Пресветата Троица, авторитетот се сведува на служење, литургијата станува спомен и исчекување, човечкото дејствување станува обоженствено“ (Атенагора).

Духот ја структурира Црквата за мисија

Крштевањето во Светиот Дух ја просветлува христијанската заедница околу тајната на Христос, Месија, Господ и Божји Син; дозволува да се разбере воскресението како исполнување на Божјите спасителни планови не само за Израилскиот народ туку за целиот свет; ја тера да го навестува на сите јазици и во сите околности, без страв од прогонства ниту од смрт. Како апостолите, мачениците и сите христијани најдлабоко го слушнаа гласот на Духот Христов и станаа сведоци; за сето она што го виделе, за сето она што беше пренесено и што го беа верификувале во нивното постоење.

Секоја заедница е повикана да соработува со Светиот Дух за обновување на светот преку објавувањето и сведочењето на спасението, во секојдневното делување како во повиците на кои секој е повикан. Поради тоа Црквата е структурирана и е оформена преку даровите, задачите, служењето кои сите црпаат од единствениот извор во Духот на Отецот и Синот.

Сѐ произлегува од истиот Дух „за заедничка корист“ (сп. 1Кор 12). На овој начин полнотата и богатата виталност од Светиот Дух се манифестира преку Црквата отворена за сите за сведочење на Божјото присуство во светот во «делата» на верниците („даровите на Светиот Дух“; сп. Гал 5, 22-23).

Педесетницата продолжува во Црквата

Педесетницата, всушност, не е завршена; таа продолжува во ситуациите во која живее Црквата; целиот живот на христијаните се одвива под знакот на Светиот Дух. Всушност, секој „живее под влијанието на Светиот Дух кој ја потврдува нашата вера и нашето единство секој пат кога учествуваме на светата Евхаристија, а евхаристиските молитви нѐ потсетуваат на интервенцијата на Светиот Дух не само во претворањето на лебот и виното, туку исто така во зацврстувањето на нашата вера и нашето единство во Црквата.

Исто така Светиот Дух делува и на свештеничкото ракополагање, на оној кој е повикан, да му ја даде моќта да ги актуализира Христовите таинства; Светиот Дух исто така е присутен и во прославувањето на Светата Тајна Венчание, осигурувајќи им на брачните другари сила во верноста и нивното взаемно единство во имитирањето на единството на Христос со Црквата. Затоа ние во секој момент сме проникнати од Светиот Дух.

Не постои едно соединување на молитва, една литургија на Словото Божјо во кое Светиот Дух не делува за да дозволи да се молиме и да разговараме со Господа Кој е присутен меѓу нас преку силата на Духот кој дава живот на изречениот збор“ (А. Ноцент).

Мараната/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот