Дон Давор Топиќ се прости од своите парохјани

Дон Давор Топиќ се прости од своите парохјани

На 5 јуни 2020 година на крајот од свеченото литургиско славење во 10.30 часот во Скопската катедрала монс. Киро Стојанов ја откри и благослови спомен плочата во сеќавање на посетата на Папата Фрањо на Македонија и неговата молитва во катедралата, пред една година, во мај 2019 год. Спомен плочата е направена од мермер и останува траен знак на историската посета , како и повик и обврска да го сведочиме повикот на Папата: Бидете светлина на мирот!

Воедно ова Евхаристиско славење беше и проштално за досегашниот скопски декан и парох, дон Давор Топиќ. Пред седум години, во август 2013 год. симболично на роденденот на света Мајка Тереза дон Давор пристигна во служба како парох во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје. Бискупот Стојанов се присети на многу настани кои имаа свој врв со незаборавната посета на Светиот Отец во овие изминати 7 години и се заблагодари за неговото несебично градење и дарување во оваа локална црква. Благодарност до парохот упатија и парохиските претставници, а и самиот парох упати благодарност на Бога за искуството во оваа локална црква, на бискупот за татковската љубов и близина и на сите парохјани за заедничкиот пат низ ова време. Ги повика сите со иста отвореност да го дочекаат и примат новиот парох.

Во вечерните часови истиот ден, парохот дон. Давор преку видео конференција се сретна со парохјаните. Во семеен и чувствителен дух си разменија сеќавања и искуства на прекрасниот мозаик на заедништво кое се ткаеше од ден во ден, во радосни и болни моменти. ,,Сите наши односи, сето она што е убаво, ако сме со Христос, ако сме во Бога, остануваат и нека Бог го благослови ова наше големо семејство кое се вика Црква”, со овие зборови дон. Давор се прости од своите парохјани од кои многу не можеа да ги сокријат солзите. Ви благодариме дон Даворе!

к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот