Новиот документарен филм „Лав во Рим“, во продукција на Дикастеријата за комуникација, ќе биде објавен на 1 јули 2026 година, на платформите на Vatican News. Документарецот ги прикажува годините што Роберт Френсис Превост, денешниот папа Лав XIV, ги поминал во Рим пред неговиот избор за Папа.
По документарците „Лав од Перу“ и „Лав од Чикаго“, Vatican News го продолжува претставувањето на животниот пат и личноста на папата Лав XIV. Новиот филм се фокусира на неговите години во Рим, опфаќајќи период од околу две децении.
Документарецот го следи патот на Превост од Соединетите Американски Држави до Италија во 1981 година, неговото образование и живот во Рим, како и годините во кои два мандата го предводел Редот на свети Августин. Во филмот се опфатени и неговото именување за префект на Дикастеријата за бискупи, како и неговото воздигнување во Кардиналскиот колегиум во 2023 година.
„Лав во Рим“ носи сведоштва за години исполнети со пријателства, студии, патувања, средби, ходочестија и работа. Приказната е раскажана преку досега необјавени фотографии и видео материјали, како и преку сведоштвата на августинци, поранешни соученици, пријатели, членови на Редот и соработници од Дикастеријата за бискупи.
Со овој документарец се заокружува серијалот на Vatican News посветен на животот и ликот на папата Лав XIV. Првиот документарец, „Лав од Перу“, објавен во јуни 2025 година, се осврна на неговите мисионерски години во јужноамериканската земја, додека „Лав од Чикаго“, објавен во ноември, ги претстави неговите американски корени.
Документарецот е продукција на Уредничката дирекција на Дикастеријата за комуникација. Го подготвија новинарите Фелипе Ерера-Еспалијат, Салваторе Чернуцио и Тицијана Кампизи, а монтажата е на Хаиме Вискаино Харо и Стефано Анела.
Филмот ќе биде објавен во среда, 1 јули, во 18.00 часот по римско време, на YouTube каналот на Vatican News, првично на англиски, италијански и шпански јазик. Ќе биде достапен и за меѓународните медиуми на барање.
За новинарите акредитирани при Прес-службата на Светиот Престол, истиот ден во 17.00 часот ќе се одржи претпремиерна проекција во Ватиканската филмска библиотека.
Ватикан њуз/к.мк

