Рацингеровите мисли ни помагаат да бидеме отворени за хоризонтот на вечноста, давајќи така смисла на нашата надеж и нашите човечки должности – рече папата Фрањо во својот поздравен говор до учесниците на меѓународниот симпозиум на тема „Есхатологија, анализа и перспективи.“
Плодната мисла и учителството на Папата Бенедикт XVI знаеја да се фокусират на основните референтни точки на нашиот христијански живот, на личноста Исус Христос, на љубовта, надежта, верата. И целата Црква засекогаш ќе му биде благодарна – рече папата Фрањо во својот поздравен говор до учесниците на меѓународниот симпозиум на тема „Есхатологија, анализа и перспективи,“ кој е организиран на иницијатива на ватиканската фондација Јозеф Рацингер – Бенедикт XVI. Симпозиумот започна на 24 ноември на Папскиот универзитет Светиот Крст, а заврши на 26 ноември 2016 година на Патристичкиот институт Августинијанум.
Папата ги прими учесниците на симпозиумот во Апостолската палата каде што се одржа свеченоста за доделување наградата Рацингер. Овогодинешните добитници се монс. Инос Бифи за својот теолошки придонес и православниот теолог Јоанис Куремпелес за своето истражување за плодоносната средба на Рацингеровите мисли и православната теологија. Наградата им ја врачи самиот папа Фрањо.
Светиот Отец во својот говор истакна дека есхатологијата зазема важно место во теолошката работа на професорот Јозеф Рацингер, во неговото делување како директор на Конгрегацијата за наука на верата, како и во научителството за време на неговиот понтификат. Не можеме да го заборавиме неговото длабоко размислување за вечниот живот и надежта во енцикликата Spe salvi – рече папата Фрањо и додаде дека темата за есхатологијата е клучна кога се размислува за смислата на нашиот живот и на нашата историја, а притоа не е затворен во материјалистички или во некој друг чисто световен пристап.
Папата Фрањо потсети на неодамна завршената Година на милосрдието и во тој контекст истакна дека секој од нас ќе биде суден зависно од тоа дали бил милосрден или не како што самиот Исус ни кажа: Гладен бев и ми дадовте да јадам; жеден бев и ме напоивте… Папата на крајот порача дека длабочината на Рацингеровите мисли ни помагаат да бидеме отворени за хоризонтот на вечноста давајќи така смисла на нашата надеж и нашите човечки должности.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк