По 38 дена папата Франциско ја напушта болницата Гемели.
Од Андреа Торниели
Поминаа 38 дена од 14 февруари, кога папата Фрањо го напушти Ватикан и беше хоспитализиран во поликлиниката Гемели.
Овие недели беа предизвик за 88-годишниот пациент кој се бореше со билатерална пневмонија. Медицинските извештаи не ја минимизираа сериозноста на неговата состојба, кризите што ги преживеа, ниту пак сложеноста на неговата клиничка слика.
Сепак, во текот на ова време, тој беше опкружен со мноштво молитви за негово оздравување: лични молитви, молитви на заедници, Бројаници и евхаристиски славења. Молитвите пристигнуваа не само од католици и христијани, туку и од луѓе од други вероисповеди и од оние без религиозни убедувања, кои му испраќаа добри мисли и желби. Токму за сите овие луѓе во молитва го сподели денешниот краток поздрав.
Во овие долги денови на страдање, духовно го придружувавме Римскиот бискуп. Чекавме, молевме и бевме трогнати кога на 6 март папата Фрањо со својот изнемоштен глас проговори на верниците собрани на плоштадот Свети Петар и на оние кои беа поврзани ширум светот, заблагодарувајќи им се за нивните молитви. Бевме посмирени вечерта во неделата, на 16 март, кога, за прв пат, повторно го видовме – иако фотографиран одзади – додека молеше по сослужувањето на светата Литургија во капелата на десеттиот кат на болницата.
По неколку недели грижа, но и доверба и препуштање на волјата на Оној кој ни дава живот и може да нè повика кај Себе во секој момент, денес повторно го видовме. На денот на неговото враќање во Ватикан, повторно го добивме неговиот благослов. Од неговата болничка соба, папата Фрањо нè потсети дека секој момент од животот е скапоцен и дека во секое време може да ни биде побаран. Тој ни покажа дека страдањето и слабоста можат да станат можности за евангелско сведочење, сведоштво за Бог кој стана Човек, страда со нас и го прифати уништувањето на крстот.
Му благодариме што сподели дека од неговата болничка соба војната му изгледала уште поапсурдна; затоа што нè потсети на потребата да го разоружаме светот наместо повторно да го вооружуваме со полнење на арсенали со нови орудија на смртта; и затоа што се молеше и го понуди своето страдање за мир, кој и денес останува толку кревок.
Добредојде дома, Свети Оче!
Ватикан њуз/к.мк