Децата и младите од парохијата „Свети Иван Крстител“ Струмица приредија божиќна приредба
Покрај свечената Божиќна Литургија во преполнетата парохиска Црква Свети Иван Крстител – Струмица, на која најголемиот дел од верниците се исповедаа и причестија, во попладневните часови на празникот Рождество Христово во парохиската сала се одржа и Божиќна приредба. На неа учествува повеќе од 30 деца и млади од парохијата, кои заедно со о. Гоце Костов подготвија разновидна програма во која преовладуваа божиќни песни, стихотворби и рецитали, а имаше и две драми и едно музичко шоу.
Едната беше подготвена од децата кои доаѓаат на веронаука и носеше наслов „Марија и Јосиф во Струмица“. Доаѓањето на Јосиф и Марија во Струмица, беше најавено од свети Иван Крстител, заштитникот на парохијата. Во понатамошниот тек од драмата Јосиф и Марија тропаа на срцата на разни ликови, сѐ додека не најдоа побожно семејство кое ги прими во нивниот дом.
Втората драма со наслов „Ексклузивни вести од Витлеем на ТВ Транзит“, беше реализирана од страна на младите, а во неа на модерен начин беше претставено Рождеството Христово и како треба да се слави празникот. Најпрво преку видео линк водителот на вестите на ТВ Тразнит се вклучи директно во Витлеем, од каде се долови атмосферата во градот за време на Рождеството Христово, а заврши со вториот видео линк и директното вклучување во Струмица од пред црквата Свети Иван Крстител, од каде репортерот од лице место информираше: Во Струмица вечерва е мирно. Има минувачи и сите тие се упатуваат кон црквата. Инаку деновиве во градот се случи посебна милост, имено најголемиот број од верниците за овој празник се исповеда, а оние кои останаа не исповедани најавуваат дека ќе го сторат истото наредните божиќни денови.
Претставата заврши со музичкото шоу „Ѕвездите на свети Иван Крстител“, каде настапи Трајче Георгиев, младиот музички талент од парохијата Свети Иван Крстител – Струмица.
к.мк.