По тригодишна пауза повторно се одржа еден од најголемите верски настани во светот.
По тригодишна пауза поради пандемијата, во Манила повторно се одржа процесијата со вековната статуа Црниот Назареец.
Една од најголемите верски процесии во светот, која го одбележува настанот од 1787 година кога копија на оригиналната статуа била преместена од оригиналното светилиште Свети Никола од Толентино во помалата базилика Црниот Назареец во областа Кијапо, собра два милиони главно боси верници во главниот град на Филипините.
За прв пат, статуата беше покриена со стакло, за верниците да не се искачуваат на истата, сакајќи да ја прегрнат или да ја бакнат, што честопати се случуваше во минатото.
Претходните години статуата се влечеше незаштитена на столбната плоча без тркала или се носеше по рута долга околу 6,5 километри, а самата процесија траеше и до дваесет часа поради огромниот број ходочесници.
Дека се работи за голем настан сведочи и бројката од 15.000 редари и медицински персонал кои беа распоредени на рутата, пренесува порталот AsiaNews.
Статуата на Исус Христос, позната како Црниот Назареец, била донесена од Мексико во Филипините од мисионери августинци во 1606 година. Се смета за чудотворна бидејќи останала неоштетена во пожарот што избувнал на бродот со кој се превезувала, што најверојатно е причина за нејзината црна боја.
Папата Инокентиј X го дозволил неговото почитување во 1650 година, додека светиот отец Пиј VII овозможи потполн опрост на секој кој побожно се моли пред статуата.
Процесијата со статуата освен на 9 јануари се одржува и на Велики Петок и Стара година, но оваа е најпосетувана.
Ватикан њуз/к.мк