Кога свети Петар бил затворен во Рим, чуварите што биле задолжени да ја чуваат неговата ќелија се обратиле во христијанството и биле крстени од него.
Свети Петар имал посебен дар да ги допира животите на луѓето и да ги приведува кон Христос. Тоа се случило повеќе пати, дури и тогаш кога бил во затвор.
Според различни преданија, кога свети Петар бил фрлен во затвор во Рим, двајца чувари биле поставени да ја чуваат неговата ќелија и да внимаваат да не избега.
Свети Петар веќе имал историја на чудесни ослободувања од затвор, секогаш по Божја промисла. Еден таков настан е опишан во Делата на апостолите, кога ангел му се јавил и го извел од затвор.- сп. Дела 12
Затворен во Рим
Кога Петар бил затворен во Рим, овојпат не требало да биде ослободен на ист начин. Наместо тоа, Бог ја искористил таа ситуација за да ги приведе кон христијанската вера двајцата чувари што го пазеле.
Нивните имиња биле Мартинијан и Процес. Поминувајќи многу време со свети Петар, а можеби и со свети Павле, тие посакале да бидат крстени.
Едно предание вели дека во затворот потекла вода од карпа, за свети Петар да може да ги крсти.
Според Butler’s Lives of the Saints, нивната вера набрзо била ставена на испит од нивните сопствени соборци. Началникот Паулин се обидел да ги одврати Процес и Мартинијан од нивната нова вера, а кога тие одбиле да принесат темјан на олтарот на Јупитер, биле изложени на тешки мачења.
Бидејќи не сакале да се откажат од новоприфатената христијанска вера, двајцата чувари претрпеле мачеништво. Нивните мошти подоцна биле погребани во базиликата „Свети Петар“.
Нивниот спомен се чува во Римскиот мартиролог, а нивниот празник се слави секоја година на 2 јули.
Нивниот живот нè потсетува колку силно една средба може да го промени човековиот живот. Кога верата ја живееме радосно и искрено, таа станува сведоштво што може да ги привлече и другите кон Христос.
Алетеја/к.мк

