Гревот треба да го наречеме со вистинското име и презиме

Гревот треба да го наречеме со вистинското име и презиме

Да Му дозволиме на Исус да нѐ преобрази, да дозволиме повторно да нѐ создаде ослободувајќи нѐ од нашите гревови – поттикна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 5 декември 2016 година во капелата на домот Света Марта говорејќи за промената која ја донесува Господ.

На Бог ќе му овозможиме од нас да направи нови жени и нови мажи само ако своите гревови ги наречеме со вистинското име и презиме – додаде Папата.

Пустината ќе цвета, слепи ќе прогледуваат, а глувите повторно ќе слушаат. Првото литургиско читање земено од пророкот Исаија говори за обновата. Сѐ ќе биде променето „грдото во убаво, лошото во добро.“ Промена на подобро, а израелскиот народ тоа го очекувал од Месијата – рече Папата.

Говорејќи пак за читањето од Евангелието според Лука кажа дека Исус оздравувал, „на народот му го покажувал патот на промената и затоа народот Го следел.“ Не Го следел – рече Папата – затоа што говорел за актуелности, туку затоа што неговата порака допирала до срцето.“ Освен тоа народот Го следел затоа што видел оздравувања – додаде Папата објаснувајќи:

Тоа што Исус го правел не била едноставна промена „од грдо во убаво, од лошо во добро“, туку преобразба. Не станува збор за разубавување, за шминкање, туку за внатрешна промена. Промената е повторно создавање. Бог го создаде светот, а човекот падна во грев; Исус доаѓа да создаде нов свет. Во пораката на Евангелието јасно се гледа: пред оздравувањето на човекот Исус му ги простува гревовите. Тој оди во повторно создавање; човекот грешник го претвора во праведник, од него создава праведник. Го прави нов човек. Тоа пак соблазнува – рече Светиот Отец.

Книжниците „почнаа да размислуваат мрморејќи“ затоа што не можеле да го прифатат неговиот авторитет. Исус е способен од нас грешниците да направи нови луѓе. Тоа пак го насетила Магдалена која била здрава, но „во себе имала рана, била грешница“. Насетила дека „оној човек може да ја оздрави раната на нејзината душа.“ Може повторно да ја создаде. За тоа пак е потребна голема вера – рече Папата додавајќи:

Господ ни помага, со голема вера да се подготвиме за Божиќ, затоа што за оздравувањето на душата, за егзистенцијалното оздравување, за повторното создавање кои што ги донесува Исус потребна е голема вера. Преобразувањето е милост на здравје кое го донесува Исус. А треба да го победиме искушението на зборувањето: „јас тоа не можам да го направам“ туку треба да се препуштиме Исус да нѐ преобрази, повторно да нѐ создаде. Храбро! Тоа е Бојжот збор.

Сите сме грешници, но ѕирни во коренот на својот грев, па нека Господ во него слезе и го обнови. Тој горчлив корен ќе расцвета со дела на правдата. А ти пак ќе станеш нов маж или нова жена. Но, ако површно се исповедуваме и продолжиме да живееме како и порано значи дека на Господ не Му дозволуваме повторно да нѐ создаде. Со два потега на четката и веруваме дека е завршена приказната. Не тоа не е добро. Гревот треба да го наречеме со вистинското име и презиме: го направив тоа и тоа заради тоа се срамам во срцето. Така своето срце го отворам за Господ: Единствен мој Господи, обнови ме! Така со голема вера ќе чекориме кон Божиќ – рече Папата.

Секогаш настојуваме да ја прекриеме тежината на своите гревови на пример кога ја намалуваме зависта која е многу гадна. Таа е како змиски отров кој настојува да го уништи другиот човек. Папата поттикнува да се оди во коренот на гревовите и потоа да се предадат на Господ Тој да ги избрише и да ни помогне да одиме напред со вера. Тоа го поткрепи со една приказна за некој светец кој го проучувал Светото Писмо, а бил склон на лутина. Вршејќи покора и одрекување од Господ барал прошка.

Разговарајќи со Господ светецот го прашал: Дали си задоволен Господи? Одговорот бил не. На тоа светецот: Па ти дадов сѐ. Не, нешто недостасува. Светецот одговорил со друга покора, молитва и бдение. Господи сега и тоа ти го дадов. Дали е во ред? Не, уште нешто недостасува… А што Господи? Ги нема твоите гревови. Дај ми ги своите гревови! Од нас Господ денес ги бара нашите гревови. Храбро! Дај ми ги своите гревови, па од тебе ќе направам нов маж и нова жена. Нека Господ ни даде милост во тоа да веруваме – заврши Папата.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести, Проповеди

За авторот