Папата се сретна со епископите од Бангладеш

Папата се сретна со епископите од Бангладеш

Колку е добро да се биде заедно! Му благодарам на кардинал Петрик (Д’Розарио) за претставувањето на различните духовни и пасторални активности на Црквата во Бангладеш –рече папата Фрањо, обраќајќи се на епископите за време на својата апостолска посета на таа земја.

Колку е добро да се биде заедно! Му благодарам на кардинал Петрик (Д’Розарио) за претставувањето на различните духовни и пасторални активности на Црквата во Бангладеш – рече папата Фрањо, обраќајќи се на епископите за време на својата апостолска посета на таа земја и продолжи: Посебно го ценам долгорочниот пасторален план од 1985 година на кој кардиналот се осврна, а кој во прв ред ги ставил евангелските начела и приоритети кои го воделе животот и посланието на црковната заедница во ова млада земја. Од личното искуство од Апарецида која го покрена посланието на целиот јужноамерикански континент, се уверив во плодноста на тие планови кои го вклучуваат целиот Божји народ во постојан процес на расудување и делување.

Реалноста на заедништвото беше во фокусот на пасторалниот план и продолжува да го поттикнува мисионерскиот жар на Црквата во Бангладеш. Вашето епископско водство традиционално се одвивало во духот на колегијалноста и меѓусебната поддршка. Тој дух го споделувале со вашите свештениците и преку нив се проширил на парохиите, на заедниците и на различните облици на апостолат во вашите локални Цркви. Тој ја открива сериозноста со која се посветивте на пасторалот и на доброто на вашиот народ – рече Папата и ги поттикна епископите – ве молам да бидете упорни во вашето служење кое може да ги продлабочи врските и да ве обедини вас со вашите свештеници, монаси и монахињи за да дадете клучен придонес за католичкиот живот во ова земја.

Во исто време Светиот Отец ги поттикна епископите да се приближат на верниците лаици, да ја препознаат и да ја вреднуваат нивната харизма и да ги упатат своите дарови да ги стават во служба на Црквата и на целото општество. Притоа нагласи дека мисли на бројните катехисти во таа земја чии апостолат е клучен за растот на христијанската вера и воспитанието во таа земја. Тие се вистински мисионери и молитвени водачи, посебно во најодалечените подрачја – рече Папата и ги повика епископите – бидете свесни за нивните духовни потреби и нивните постојани формации во верата.

Подготвувајќи се овие месеци за следната епископска синода – истана папата Фрањо – сите сме повикани да размислуваме како да помогнеме на нашите млади да бидат учесници во радоста, вистината и убавината на нашата вера. Бангладеш е благословена со свештенички и монашки звања; важно е да се обезбеди кандидатите да бидат добро подготвени за да можат да го споделат богатството на верата.

Значајна општествена активност на Црквата во Бангладеш е помошта на семејствата, а посебно истакнувањето на вредноста на жената – рече Папата и додаде: Луѓето во ова земја се познати по грижата за семејството, гостољубивоста, почитувањето кон родителите, грижата за старите луѓе, болните и незаштитените. Тие вредности се евангелски вредности. Посебно се заблагодари на сите оние кои тивко ги поддржуваат христијанските семејства во нивното секојдневно сведочење за помирувачката љубов Господова и која придонесува да се запознае нејзината спасителна сила.

Една од важните цели на пасторалниот план кој навистина се покажа пророчки беше определувањето за сиромашните – рече Светиот Отец и нагласи: Католичката заедница во Бангладеш може да биде горда на својата историја на служењето на сиромашните, посебно во оддалечените подрачја и племенските заедници. Посебно во светлината на моменталната бегалска криза, ќе видеме какви ќе бидат идните потреби. Вдахновението за вашата хуманитарна работа треба секогаш да се пронаоѓа во пасторалната љубов, која мора да се покажува во препознавањето на човечките рани и великодушниот одговор на секој лично.

Важна димензија на мојата пасторална посета на Бангладеш е меѓурелигиската и екуменската средба која ќе се одржи веднаш после нашата средба – истакна папата Фрањо и продолжи: Во вашата земја етничката разноликост се одразува во разноликоста на верските традиции. Задача на Црквата е да промовира меѓурелигиско разбирање преку воспитните програми, како и прку личните средби за да се шири добрата волја и хармонијата. Заземете се за градење на мостови и промовирање на дијалог, не само затоа што тие напори го олеснуваат разговорот со различните верски групи, туку и затоа што ќе бидат духовна сила која е потреба за градење на земја на единство, правда и мир.

Кога верските водачи едногласно зборуваат против насилството под маската на религијата и настојуваат да ја заменат културата на конфликти со културата на средба, се придружуваат на најдлабоките духовни корени на своите различни традиции – изјави Папата и додаде дека на тој начин тие даваат непроценлив придонес за иднината на земјата и светот поучувајќи ги младите на патот на правдата.

Драги браќа епископи, благодарен сум на Господ за овој разговор и за братската размена на мисли. Среќен сум што ова апостолско патување во Бангладеш помогна да сведочам за животот и мисионерскиот жар на Црквата во ова земја – рече на крајот Светиот Отец и заклучи: Принесувајќи му ги на Господ радоста и тешкотиите на вашите локални заедници, да го молиме заедно Светиот Дух, да ни даде храброст за навестување на новоста на Евангелието. Да молиме свештениците и монасите, посветените лица и верниците лаици кои се доверени на вашата пасторална грижа да можат секогаш да пронаоѓаат обновена сила за своите напори за Радосната вест, за да не бидат навестители на Евангелието само со зборови, туку пред сè со животот кој го преобразил Божјото присуство.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот