Последиците од обилните дождови кои во средата кон четвртокот предизвикаа излевање на реките во западна Германија не стивнуваат, а состојбата во поплавените подрачја и понатаму е тензична, бројот на починати меѓу нив и пожарникари, расте, многумина се водат за исчезнати.
Повеќе од 100 луѓе го загубија животот, а десетици се водат како исчезнати во поплавите кои се случија во сојузните покраини Рајнланд – Фалц и Северна Рајна- Вестфалија. Според медиумиските извештаи цели села се претворени во рушевини откако обилните дождови предизвикаа излевање на реката. Од поплавите е погодена и Белгија каде се пријавени осум смртни случаи.
Претседателот на Германската епископска конференција лимбуршкиот епископ Георг Батзинг бил запрепастен од размерите на природната непогода. „Моите мисли и молитви се со жртвите, роднините и спасувачите“, се наведува во пораката на социјалната мрежа Твитер објавена на корисничкиот профил на Германската епископска конференција во име на епископот Батзинг.
Епископот од Мајнц Петер Колграф им се заблагодари на спасувачите: „Доживуваме силна беспомошност, но исто така гледаме многу луѓе кои помагаат во границите на своите можности. Големо благодарам. И се молиме“, напиша Колграф на Твитер.
Бискупијата Триер објави на Фејсбук и Твитер порака во која изразува жалење заради големиот број жртви во поплавите. Нашите мисли и молитви се упатени кај роднините, исчезнатите, сите погодени и спасувачите, се наведува во пораката.
Ватикан њуз/к.мк