Геноцид врз христијаните во Сирија
Состојбата во Сирија е многу драматична, истакна патријархот на Сириско-католичката црква, Инациј Јусиф II Јунан, говорејќи за состојбата во нападнатите сиријски населби во разговор за Радио Ватикан.
Во Сирија, таканаречената Исламска држава зароби повеќе од 350 христијани, од кои некои се веќе убиени, од нападнатите села бегаат најмалку три илјади христијани, а меѓу нив има многу сириски католици.
Повеќе од стотина христијани се заробени, а околу дваесет се веќе сигурно и убиени. Во Сирија се спроведува геноцид. Од своите европски браќа и сестри, првенствено од католиците, бараме да не ги заборават своите браќа и сестри на Блискиот Исток, рече Патријархот.
На прашањето каков апел сака да прати до меѓународната заедница, Патријархот истакна дека апелот го праќа до правдата; Меѓународна заедницо, САД, Европска унијо, не предадовте! Тие во нафтата го гледаат својот интерес, а се во сојуз со интегралистичките системи на владеење, кои не признаваат ниеден вид на слобода, каде жените немаат скоро никакво право. Тие држави ги забораваат своите демократски принципи, истакна Патријархот.
На прашањето како да се запрат џихадистите, рече дека пред сѐ треба да се престане со наоружување на таканаречените умерени востаници, такви не постојат на Блискиот Исток. Сѐ додека не стане јасна границата меѓу религијата и политиката, нема да има вистинска, демократска и умерена опозиција. Сето тоа е само една голема заблуда, рече Патријархот.
На забелешката дека Папата постојано моли за прогонетите христијани во Сирија и Ирак, рече дека на Светиот Отец му се неизмерно благодарни. Од самиот почеток на својот понтификат, Папата се поистовети со тие трагедии на Блискиот Исток: со прогонствата, заробувањата и убиствата. Да се надеваме дека и во иднина ќе ги брани најслабите, посака Патријархот и додаде:
Европските народи како и народот на Соединетите Американски држави би требало да се сетат дека нивните држави се основани врз неспорни принципи и вредности. Знаеме дека Светиот Отец насекаде проповеда како човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста, а тоа се зборови на мир и вистина, заклучи патријархот Јунан.
РВ/В.Н.