На Генералната аудиенција во среда 2 септември 2020 година, која започна повторно да се одржува со присуство на верниците во дворот Свети Дамас во Апостолската палата во Ватикан, папата Фрањо повика на размислување за времето после пандемијата од коронавирусот во смисла на општо добро и избегнувајќи површни промени. Катехезата на Папата ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри,
После повеќе месеци продолжуваме со нашите директни средби, а не по пат на екран. Тоа е убаво. Моменталната пандемија на виделина ја изнесе нашата меѓусебна зависност: Сите сме поврзани едни со други, и во добро и во зло. Затоа за да излеземе од оваа криза подобри, мораме за тоа да бидеме сложни. Тоа мораме заеднички да го направиме, не сами, туку сите заедно. Не сами, затоа што сами не можеме. Или заедно, или никако. Тоа мораме да го сториме заедно, сите ние, со солидарност. Тој збор денес сакам да го истакнам: солидарност.
Како човечко семејство заедничко ни е потеклото од кај Бог: Живееме во заеднички дом, планета – градина, земја во која Бог нѐ смести, а на сите крајна цел ни е Христос. Но, кога сето тоа ќе го заборавиме, нашата меѓусебна поврзаност станува зависност еден за друг – го губиме оној склад на заемна зависност во солидарност – зголемувајќи ја нееднаквоста и маргинализацијата; општеството слабее, а околината се нагрдува. Секогаш ист начин на делување.
Затоа принципот на солидарност денес е потребен од било кога до сега, како што нѐ учи свети Иван Павле II. (сп. енциклика Sollicitudo rei socialis, 38-40). Во меѓусебно поврзаниот свет доживуваме што значи да се живее во исто „глобално село“. Тоа е убав израз: големиот свет не е ништо друго, туку глобално село, затоа што сѐ е меѓусебна зависност. Меѓутоа, таа поврзаност не секогаш ја претвораме во солидарност. Од меѓусебна зависност до солидарноста е долг патот. Егоизми – индивидуални, национални и егоизми на моќни групи и идеолошка суровост, наспротив ја зајакнуваат „структурата на гревот“(исто., 36).
„Зборот солидарност е помалку застарен и понекогаш се толкува погрешно, но означува многу повеќе од некој повремен чин на дарежливост. Имено се подразбира создавање на нов менталитет кој размислува за термините заедништво и приоритет на живот на сите над присвојувањето на добрата од страна на неколкумина“ (Апостолски поттик Evangelii gaudium, 188). Ето што значи зборот солидарност. Не станува збор само за тоа да се помага на другите – тоа е добро да се прави, но тука има нешто повеќе – станува збор за правда (сп. ККЦ 1938-1940). Меѓусебната зависност, за да би била солидарна и во природата која Бог ја создаде, треба да ги почитува луѓето и земјата. Од самиот почеток Библијата нѐ опоменува. Да се сетиме на извештајот за Вавилонската кула (сп. Битие 11,1-9) во која се опишува што се случува кога се обидуваме да дојдеме до небото – кое е наша цел – запоставувајќи ја поврзаноста со човекот, со созданијата и со Создателот. Со тоа сака да се каже дека тоа се случува секогаш кога некој сака сѐ повеќе да се искачува, а при тоа да не води грижа за ближниот. Мисли само на себе. Да се сетиме на таа кула. Градиме кули и облакодери, но ја уништуваме заедницата. Ги обединуваме градбите и јазиците, но го умртвуваме културното богатство. Сакаме да бидеме господари на Земјата, но ја уништуваме биоразноликоста и еколошката рамнотежа.. Ви проповедав на една друга аудиенција за оние рибари од Сан Бенедето дел Тронта кои ме посетија оваа година и ми кажаа: „Од морето извадивме 24 тони отпад од кој половината беше пластика“. Замислете го тоа! Тие се вешти во риболовот, но воедно вадат од морето и отпад како би го исчистиле. Но тоа (загадување) е уништување на Земјата, тоа значи да се нема дух на солидарност со Земјата која е дар и негрижа за еколошката рамнотежа.
Се сеќавам на средновековната приказна која го опишува тој „вавилонски синдром“, односно што се случува кога се нема солидарност. Таа средновековна приказна вели дека додека се градела таа кула и кога човек би паднал – а биле робови – и умрел никој ништо не би кажале. Можеби само: „Бедник, беше невнимателен и падна.“ Но кога би паднала некоја тула сите би стенкале. И ако некој за тоа би бил виновен ќе бил казнет. Зошто? Затоа што правењето тули било скапо. Требало да се подготви, испечи. За изработка на тулата требало време и работа. Тулата вредела повеќе од човечкиот живот. Секој од нас нека размисли за тоа што се случува денес. Нешто слично, за жал, и денес тоа може да се случи. Ако дојде до пад на финансискиот пазар, за тоа читаме овие денови во весниците, тогаш таа вест ја пренесуваат агенциите. Но илјадници луѓе умираат од глад и сиромаштво и за тоа никој не зборува.
Дијаметрално спротивно на Вавилон е Педесетницата како што слушнавме на почетокот на аудиенцијата (сп. Дела 2,1-3). Светиот Дух слегувајќи од горе како ветар и оган, ја зафаќа целата заедница, која е затворена во салата на Последната вечера и ѝ дава Божја сила, ги поттикнува да излезат и на сите да го навестат Господ Исус. Духот создава единство во различноста, создава хармонија. Во извештајот за Вавилонската кула немало хармонија. Само работеле за да заработат. Таму човекот бил чисто орудие, чиста работна сила, но тука на Педесетница, секој од нас е орудие, но заедничко орудие кое се дава со целото свое битие за изградба на заедницата. Свети Фрањо од Асизи тоа добро го знаел и вдахновен од Светиот Дух, сите луѓе, и уште повеќе, сите созданија, ги нарекувал браќа и сестри (сп. LS 11; сп. Св. Бонавентура, Legenda maior VIII, 6: FF 1145). Да се потсетиме дека и волкот го нарекува брат.
Со Педесетница Бог станува присутен и вдахновува вера во заедницата, ја обединува во различноста и солидарноста. Различноста и солидарноста се обединети со хармонија – тоа е патот. Солидарната разноликост поседува „антитела“ така што единственоста на секој поединец – која што е единствен и неповторлив дар – да не се разболи од индивидуализмот и егоизмот. Солидарната разноликост исто така поседува антитела за лекување на општествените структури и процеси кои се изродила во системите на неправда угнетување (сп. Компендиум на социјалната наука на Црквата, 192). Затоа солидарноста денес е патот по кој треба да одиме во светот после пандемијата, кон лекување на меѓучовечките и општествените болести. Нема друг пат. Или одиме напред по патот на солидарност или работите ќе се влошуваат. Сакам да повторам: од кризата не се излегува ист како пред тоа. Пандемијата е криза. Од кризата се излегува или подобар или полош. Ние треба да избереме. Солидарноста е токму патот преку кои би испаднале од кризата подобри, не со површни промени, го ставам овој премаз и сѐ е во ред. Не, туку подобар!
Во сред криза, солидарноста водена од верата ни овозможува љубовта кон Бог да ја преточиме во наша глобална култура, не така што ќе градиме кули или ѕидови: колку ли само ѕидови денес се подигаат – кои делат, а потоа се рушат, туку обликувајќи заедници и помагајќи ги вистинските човечки и солидарни процеси на раст. А на тоа солидарноста помага. Ќе ви поставам прашање: Дали мислите на потребите на другите? Секој нека одговори во своето срце.
Во сред криза и бура, Господ нѐ прашува и повикува да се разбудиме и да ја активираме таа солидарност која е способна да даде постојаност, потпора и смисла во овие моменти, кога сѐ изгледа дека тоне и пропаѓа. Креативноста на Светиот Дух нека нѐ охрабри во создавањето на нови облици на тесно гостопримство, плодност братство и сеопшта солидарност. Благодарам!
Ватикан њуз/к.мк