Генерална аудиенција: Светоста доаѓа од Светиот Дух

Генерална аудиенција: Светоста доаѓа од Светиот Дух

На Генералната аудиенција во среда 1 септември 2021 година, папата Фрањо предупреди на крутоста зад која секогаш стои нешто лошо и потсети дека светоста доаѓа од Светиот Дух.

Дали љубовта кон распнатиот и воскреснатиот Христос е во центарот на нашите животи како извор на спасение, или сме задоволни со некоја религиозна формалност за да ја смириме нашата совест? – ова прашањето воедно и поттик за размислувањето беше во центарот на катехезата на папата Фрањо.

Тоа е повик што Павле им го испрати на Галатјаните за да ја размрда нивната совест со реторички прашања, за да не се растресуваат од други навестувања. Павле всушност сака христијаните да разберат и да не дозволат да бидат маѓепсани од гласот на сирени кои сакаат да ги доведат до религиозност базирана исклучиво на строго почитување на прописите. Имено, во Галатија пристигнаа нови проповедници кои ги убедија дека почитувањето на прописите води кон совршенство – објасни Папата.

Постои опасност да се падне во формализам, што е едно од искушенијата што нѐ води кон лицемерие, и да се негира новото достоинство што го добиле, достоинството на оние што ги откупи Христос – рече папата Фрањо и истакна дека во другите посланија лесно може да се најде изразот „браќа“ или „возљубени“, но на Галатјаните Павле им се обраќа со „Галатјани“ и дури двапати ги нарекува „неразумни“. Тој го прави ова затоа што, речиси без да забележат, тие би можеле да изгубат скапоцено богатство, верата во Христа.

Очигледно тажен, апостолот ги охрабрува овие христијани да се сетат на неговото прво навестување со која им даде можност да стекнат слобода на која не можеа да се надеваат до тој момент. Тие добро знаат дека верата во Христа е плод на благодатта добиена со проповедање на Евангелието. Зборовите што ги слушнаа од Павле беа концентрирани на Божјата љубов, кој потполно се покажува во Исусовата смрт и воскресение. Павле не можеше да најде поубедливи зборови од оние што веројатно им ги повторувал многу пати во својата проповед: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене“.

Галатјаните, од друга страна, многу добро разбрале на што мислел апостолот. Сигурно во заедниците имале искуство од делувањето на Светиот Дух. Притиснати, морале да одговорат дека она што го доживеале е плод на новоста на Духот. На почетокот на нивното пристапување во верата, тоа беше Божја иницијатива, а не човечка. Светиот Дух беше протогонистот на нивното искуство. Затоа, сега тоа да се стави во втор план за да се даде приоритет на сопствените дела, односно да се исполнат заповедите на Законот, би било неразумно. Светоста доаѓа од Светиот Дух – истакна Папата и ги охрабри верниците да не го прифатат она минливо тропање на вратата од нашиот секојдневен живот, тоа е тажна илузија, и да го зачуваат цврстото верување дека, дури и кога сме во искушение да се оддалечиме од Бога, Тој продолжува обилно да ги дели своите дарови.

И денес се случуваат работи слични на она што се случувало со Галатјаните – забележа Папата. Дури и денес има такви што нѐ доведуваат во крута религиозност, ригидност што нѐ лишува од слободата во Духот што ни ја даде Христовото откупување. Внимавајте на ригидноста што ви ја предлагаат, бидејќи зад секоја крутост стои нешто грдо; таму нема Божји Дух – предупреди Папата, истакнувајќи дека Посланието до Галатјаните ќе ни помогне да не ги слушаме овие, донекаде фундаменталистички, предлози што нѐ водат кон назадување во нашиот духовен живот. И покрај сите тешкотии што можеме да ги поставиме за Божјото делување и покрај нашите гревови, Бог не нѐ напушта, туку останува со нас со својата милосрдна љубов. Бог е секогаш близу до нас со својата добрина – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот