Генерална аудиенција: Примерот на свети Јосиф може да помогне во препознавање на гласот Божји
На Генералната аудиенција на 26 јануари 2022 година Светиот Отец се задржа на ликот на свети Јосиф како човек кој сонува, кој знае како да го препознае Божјиот глас и да дејствува.
Соновите на свети Јосиф беа во центарот на катехезата на Папата, во која истакна дека примерот на очувот на Исус може да помогне да се препознае кој е Божјиот глас. Во Библијата соновите биле начин на кој Бог ќе се објавува, истакна Светиот Отец.
Соновите се симбол на духовниот живот на секој од нас, внатрешен простор и секој од нас е повикан да го негува и заштити, каде што Бог се покажува и често ни зборува. Сепак, Папата предупреди на други гласови – оние на нашите стравови, искуства, надежи, но и гласот на Злобниот кој сака да измами и збуни. Затоа е неопходно да се негува проникливост, која ни овозможува во мноштвото да го препознаеме Божјиот глас.
Бог ни ја покажува вистинската работа
Светиот Отец се осврна на сите четири сонови на Јосиф споменати во евангелијата, почнувајќи со појавувањето на ангелот во сон кој му помогнал на Јосиф да го реши конфликтот откако дознал за бременоста на Марија. Јосиф веднаш ги послушал зборовите на ангелот и ја зел Марија за своја жена.
Животот често не доведува во ситуации кои не ги разбираме и за кои ни изгледа дека нема решение. Молитвата во тие моменти значи да му дозволиме на Господ да ни ја покаже вистинската работа, рече папата Фрањо. Често, молитвата е таа која ни дава интуиција како да излеземе, како да ја решиме ситуацијата. Господ никогаш не дозволува проблем, а без да ни ја даде потребната помош да се соочиме со него, нагласи Папата.
Бог ни дава храброст
Во друг сон на Јосиф, светителот е предупреден дека животот на Детето Исус е во опасност, а Јосиф веднаш повторно го слуша Божјиот глас и бега со Исус и Марија во Египет. Соочени со опасноста што им се заканува на нашите ближни или на нас самите, молитвата значи слушање на глас кој ни дава иста храброст како Јосиф, рече Папата.
Молитвата носи светлина во темнината
Додека бил во прогонство, свети Јосиф трпеливо го чекал Божјиот знак дека може безбедно да се врати дома. Во третиот сон на Јосиф спомнат во евангелијата, светителот дознава дека оние што сакале да му наштетат на Исус умреле. Во страв од Архелај, наследникот на Ирод кој владеел со Јудеја, свети Јосиф бил охрабрен во својот четврти сон да се насели во Назарет.
Стравот е исто така дел од животот, и тука е потребна нашата молитва. Јосиф доживува страв, но Бог го води низ него. Моќта на молитвата носи светлина во ситуации на темнина, рече Папата, молејќи се за многумина кои денес се оптоварени со товарот на животот и кои повеќе не можат да се надеваат или да се молат. Посебна мисла упати до родителите кои се соочуваат со проблемите на нивните деца. Колку боли во ситуации кога децата се трајно болни, додаде тој, потсетувајќи на предизвиците на родителите кои гледаат различни сексуални ориентации кај децата и се прашуваат како да се однесуваат кон тоа и како да ги придружуваат децата, не криејќи се во осудувачки став. Спомна бројни родители кои гледаат како децата заминуваат, умираат од болест или несреќи, кои гледаат деца кои не напредуваат на училиште и кои не знаат што да прават. Има толку многу проблеми за родителите, да размислиме како да им помогнеме, повика тој. На родителите пак им кажа да не се плашат и ги поттикна да размислуваат за свети Јосиф, како тој ги решавал проблемите и да се молат за негово застапништво.
Молитва и љубов кон ближниот
На крајот од катехезата, папата Фрањо ги потсети верниците дека молитвата никогаш не е апстрактен или чисто внатрешен чин, туку секогаш е нераскинливо поврзана со милосрдието. Само кога ја комбинираме молитвата со љубовта кон ближниот, можеме да ги разбереме Господовите пораки. Свети Јосиф се молеше, работеше и љубеше, рече Папата – што е и добар пример за родителите. Затоа секогаш го добивал она што му било потребно за да се соочи со предизвиците на животот.
Светиот Отец катехезата ја заврши со молитва за застапништво на свети Јосиф.
Свети Јосифе, ти кој си човек што сонува,
научи нè да го поправиме духовниот живот
како внатрешно место каде што Бог се пројавува и нè спасува.
Отстрани ја од нас мислата дека молитвата е бескорисна;
помогни му на секој од нас да одговори на она што ни го покажува Господ.
Нашето размислување нека биде осветлено со светлината на Духот,
нашите срца охрабрени од Неговата сила,
и нашите стравови спасени со Неговата благодат. Амин.
Ватикан њуз/к.мк