На Генералната аудиенција во среда 13 март 2024 година – точно на 11- годишнината од неговиот избор за Папа – Свеетиот Отец одржа катехеза за крепосното дејствување, продолжувајќи го циклусот посветен на пороците и крепостите. Светиот Отец присуствуваше на катехезата, но поради настинка, неговата подготвена катехеза ја читаше отец Пјерлуиџи Жироли.
Човечкото срце може да попушти пред злите страсти, може да подлегне на штетните искушенија преоблечено во привлечна облека, но може и да се спротивстави на сето тоа. Колку тоа и да е напорно и тешко, човекот е создаден за добро, истакнува Светиот Отец. Повикувајќи се на латинскиот и грчкиот термин за крепост, Папата заклучува дека крепостен човек е оној кој не се изопачува себеси и не станува полош, туку е верен на својот повик, се реализира себеси во полнота.
Би било погрешно да се мисли дека светците се исклучоци од човечкиот род: еден вид тесен круг на првенци кои живеат надвор од границите на нашиот род, забележува Папата. „Светци, во оваа перспектива која пред малку ја прикажавме во однос на крепоста, се оние кои целосно стануваат тоа што се, кои го исполнуваат звањето својствено на секој човек. Каков среќен свет би бил во кој правдата, почитта, меѓусебната добронамерност, великодушноста, надежта би било нешто вообичаено и заедничко за сите, а не ретка аномалија!“ Во изобличен свет, нагласува тој, потребно е да се потсетиме на формата со која сме обликувани, образот Божји, кој трајно е втиснат во нас.
Повикувајќи се на Катехизмот на Католичката црква, Светиот Отец понатаму вели дека „Крепост е постојана и цврста склоност да се прави добро“ (бр. 1803). Не станува збор за случајно добро, туку она што произлегува од постепеното созревање на човекот, сè додека не стане карактеристика на неговиот дух. Меѓу другото, тоа е т.н „хабитус“ на слободата – крепоста ни овозможува да бидеме навикнати да правиме правилен избор.
Меѓутоа, не е лесно да се одговори на прашањето како може да се стекнуваат крепостите, забележа Папата. За христијанинот, Божјата благодат е прва помош. Во крстениот делува Светиот Дух, кој дејствува во душата за да ја води во крепосен живот. Милоста, нагласува Папата, секогаш ѝ претходи на нашата морална определба. „Колку христијани дојдоа до светост низ солзи, откривајќи дека не можат да надминат некои од своите слабости! Но, искусија Бог да го доврши тоа добро дело, кое за нив беше само еден план“, објасни Светиот Отец.
Понатаму, крепоста расте и може да се негува. „За да се случи тоа – пишува Папата – прв дар на Духот за кој треба да молиме е токму мудроста“. Непроценливиот дар што го поседуваме е отвореноста, мудроста е таа што знае да учи од грешките за добро да го насочи животот. Потоа е потребна добра волја: способност да се избере доброто, да се обликува со аскетски вежби, избегнувајќи претерувања.
Ватикан њуз/к.мк