Генерална аудиенција: Неопходен е дијалог меѓу генерациите

Генерална аудиенција: Неопходен е дијалог меѓу генерациите

Дијалогот меѓу генерациите е неопходен; на тој начин сечиј живот станува побогат во човечноста, истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција на 2 март 2022 година, продолжувајќи ја катехезата посветена на староста. Фокусирајќи се на долговечноста како знак и можност, Светиот Отец повика времето квалитетно да се поминува со постарите и со децата, кои даваат обновен поглед на животот во забрзаниот свет.

Библискиот извештај за родословот е зачудувачки поради големата долговечност – древните оци живееле долго откако станале родители, татковците и синовите живееле заедно со векови. Таквиот тек на времето, зборувајќи за векови, раскажан во ритуален стил, дава длабоко симболично значење на односот меѓу долговечноста и родословието, истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција.

Преносот на човечкиот живот, така нов во создадениот универзум, како да барал постепена и долготрајна иницијација. Новиот живот – човечкиот живот – потопен во напнатоста меѓу неговото создавање според „образот и подобието“ Божјо и кревкоста на неговата смртност е новост што треба да се открие, додаде Папата. Ова бара долг период на иницијација во кој е неопходна взаемна поддршка меѓу генерациите за да се дешифрира искуството и да се соочат со загонетките на животот. Во текот на ова долго време, духовниот квалитет на човекот исто така полека се негува.

Забрзаноста го прави секое искуство поповршно

Во извесна смисла, рече Папата, секоја минлива епоха во историјата на човештвото го предизвикува одново тоа чувство: како да моравме мирно да започнеме од почеток со нашите прашања за смислата на животот, кога сценариото за човечката состојба се појавува со многу нови искуства и неодговорени прашања. Секако, акумулацијата на културното сежавање ја зголемува свесноста што помага во соочувањето со новите ситуации. Времето на пренесување се намалува, но времето на асимилација секогаш бара трпение, нагласи Светиот Отец. Забрзаноста, која сега ја опседнува секоја фаза од нашиот живот, го прави секое искуство поповршно и како што рече Папата, помалку „хранливо“. Младите се несвесни жртви на овој раскол меѓу часот, кој треба да се побрза, и времето на животот, кое бара повеќе трпение.

Без дијалог, секоја генерација останува изолирана

Староста, се разбира, бара побавни ритами, истакна папата Фрањо – но тоа не е време на обична инерција. Мерката на овие ритми всушност ги отвора на сите просторите за смислата на животот, кој е непозната за опседнатоста со брзината. Губењето на контактот со бавните ритми на староста ги затвора овие простори за сите, предупреди Папата, потсетувајќи дека токму во тој контекст сакал да го воведе Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица. Сојузот меѓу двете крајности на овие животни генерациите – децата и старите – им помага на другите возрасти – младите и возрасните – да се поврзат, за сечиј живот да биде побогат во човечноста. Потребен ни е дијалог меѓу генерациите, нагласи Папата. Ако нема дијалог, секоја генерација останува изолирана и не може да ја пренесе пораката, додаде тој.

Град на соживот

Светиот Отец повика да се размислува за град во кој соживотот меѓу различни возрасни групи е составен дел од севкупниот план на населението, каде што создавањето љубовни односи меѓу постарите и младите се преточува во целокупниот стил на односи. Преклопувањето на генерациите би станало извор на сила за вистински видливо и живеено човештво. Совремнеиот град пак, од друга страна, има тенденција да биде непријателски настроен кон постарите – и не случајно е таков и кон децата, додаде Папата. Ова општество го има тој дух на отфрлање: отфрла многу несакани деца и постари лица. Изгубена е целосниот поглед – секој се држи до својот дел, лебди над тековите на пазарниот град, за кој бавните ритми се загуби, а брзината пари. Сепак, преголемата брзина не го прави животот поинтензивен, туку го уништува – истакна Папата.

Знаеме ли да го “потрошиме“ времето

Меѓутоа, треба да се биде мудар за вложување или како што тоа Папата го нарекува “трошење“ на времето. Се осврна на квалитетнот време поминато со децата или пак старите лица, кое го зајакнува човечкото семејство. Потребно е да се помине време кое не е “исплатливо“ со децата и старите, затоа што тие ни даваат уште една можност да го видиме животот.

Пандемијата во која сѐ уште сме присилени да ја живееме, наметна за жал многу болен начин, запирање на тапиот култ на брзината, рече папата Фрањо. Во тој период клучни беа бабите и дедовците кои делуваа како препрека за емоционалната „дехидрација“ на децата. Видливиот сојуз на генерациите, кои го усогласуваат чекорот и ритамот, ни даваат надеж дека не живееме залудно. Покрај тоа, го постави и прашање за размислување: Дали сме подготвени, дали знаеме да го “потрошиме“ времето?“

Прекрасна симфонија на дијалог меѓу генерациите

Денес, долговечноста на човечкиот живот се зголемува, што нуди можност да се зголеми сојузот меѓу сите возрасти, како и за смислата на животот во целина. Смислата на животот, потсети Папата, не е само во зрелоста, туку од раѓање до смрт. Би требало да можеме да разговараме со секого и да развиваме длабоки односи со секого, така вашата зрелост ќе биде побогата, рече Папата. Духот нека ни подари разум и сила за оваа неопходна реформа – ароганцијата на времето на часовникот мора да се претвори во убавина на животните ритми, заклучи папата Фрањо, додавајќи дека Бог нека ни помогне да ја најдеме вистинската музика што ќе одговара на различни возрасти и така да прерасне во прекрасна симфонија на дијалог.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот