Генерална аудиенција: Млади, засукајте ги ракавите, одговорете му на Бога, Кој ве повикува

Генерална аудиенција: Млади, засукајте ги ракавите, одговорете му на Бога, Кој ве повикува

На својата трета Генерална аудиенција, Папата се осврна на параболата за домаќинот на лозјето кој бара наемници за своето лозје. Бог е тој што „излегува многу пати да ги бара оние што чекаат за да им даде смисла на нивните животи“. Тој вработува луѓе во различни периоди од денот, а потоа им плаќа на сите исто: ова изгледа неправедно, но Бог сака „секој да има она што му е потребно за живот“ и „исполнет, вечен и среќен живот“. Исус „не рангира, им дава сè на оние што му ги отвораат своите срца“.

Папата Лав XIV ја продолжи серијата катехези во Јубилејната година за „Исус Христос, нашата надеж“. Пред Генералната аудиенција во среда 4 јуни 2025 година, размислувајќи за параболата за „Наемниците во лозјето“, откако го обиколи плоштадот Свети Петар со папамобилот за да ги поздрави 35.000 собрани верници, ја започна својата катехеза нагласувајќи дека параболата за наемниците во лозјето е „парабола што ја зајакнува нашата надеж“. Иако понекогаш не сме во можност да ја „пронајдеме смислата на нашите животи“ и „се чувствуваме бескорисни и несоодветни, исто како работниците што чекаат на пазарот да бидат вработени“; иако „времето минува, животот минува, а ние не се чувствуваме признати или ценети“ или дека можеби „не стигнавме на време, други дојдоа пред нас или работата нè задржа на друго место“, Папата нагласи дека постои некој што ни отвора нови перспективи, а тоа е домаќинот на лозјето, кој излегува неколку пати на ден да бара наемници што можат да работат во неговиот лозје.

Пазарот е место каде што се вршат работите, каде што, за жал, љубовта и достоинството се купуваат и продаваат, со цел да се оствари профит. А кога некој не се чувствува ценет и признат, тој е во опасност дури и да се продаде на првиот понудувач. Сепак, Господ нè потсетува дека нашиот живот вреди, а негова желба е да ни помогне да го откриеме тоа.

Затоа, не смееме да се обесхрабруваме, рече Светиот Отец и поттикна дека „дури и во темните моменти од животот, кога времето минува без да ни ги даде одговорите што ги бараме“, да го молиме Бога „да дојде кај нас таму каде што го чекаме“.

Повик до младите луѓе

Во параболата, домаќинот на лозјето е самиот Бог, кој „излегува постојано да ги бара оние што чекаат да им даде смисла на нивните животи“. Затоа Папата посебно им се обрати на денешните млади:

Би сакал особено на младите да им порачам да не чекаат, туку со ентузијазам да одговорат на Господ кој нè повикува да работиме во неговото лозје. Не одложувајте, засукајте ги ракавите, бидејќи Господ е дарежлив и нема да бидете разочарани! Работејќи во неговото лозје, ќе го најдете одговорот на тоа длабоко прашање што го носите во себе: која е смислата на мојот живот?

Секогаш се исплати

Постојаната потрага по наемници, дури и кога „нема повеќе смисла да се излегува“, ни зборува дека „овој неуморен господар на лозјето“ сака „да му даде вредност на животот на секој од нас по секоја цена“, објасни папата Лав XIV. Кога изгледа бесмислено да се „изнајмуваат работници само за последниот час од работниот ден“ или да се „оди на работа само за еден час“, Петровиот наследник даде одговор:

Дури и кога изгледа дека можеме малку да направиме во животот, сепак се исплати. Секогаш постои можност да се најде смисла затоа што Бог го сака нашиот живот.

Бог го познава достоинството на секој човек

Параболата ни дава уште една голема поука, која се гледа кога господарот им ја дава платата на работниците, објасни Папата: еден денариј на првите работници, како што се договориле, но истиот износ го дава и на другите.

Праведно е за Бога секој да го има она што му е потребно за живот. Тој лично ги повикал работниците, го знае нивното достоинство и врз основа на тоа сака да им плати.

Исус не прави разлики

Сепак, „работниците од првиот час остануваат разочарани“ бидејќи оние што работеле помалку добиле иста плата како нив. „Не успеваат да ја видат убавината на тој чин на господарот, кој не бил неправеден, туку едноставно дарежлив, не гледајќи само на заслугите, туку и на потребите“, истакна Петровиот наследник.

Бог сака на секого да му го даде своето Царство, односно исполнет, вечен и среќен живот. И така Исус го прави тоа со нас: тој не нè рангира, им дава сè на оние што му ги отвораат своите срца“.

Одговорот на Свети Августин

Потоа Светиот Отец истакна дека параболата може да го наведе христијанинот да „помисли зошто треба веднаш да почнеме да работиме и повеќе ако наградата е иста“, но како одговор го цитира Свети Августин: „Зошто тогаш одложувате да го следите Оној што ве повикува, додека сте сигурни за наградата, но не сте сигурни за (вашиот) ден? Внимавајте, со одложување, да не се лишите од она што Тој ќе ви го даде според Неговото ветување“.

Бранете го човечкото достоинство дури и во последниот час

Во својот поздрав до француските поклоници, Папата потсети дека светот „има тешкотии да ја пронајде вредноста на човечкиот живот, дури и во неговиот последен час“ и замоли „Духот Господов да ги просветли нашите умови, за да знаеме како да го браниме вистинското достоинство на секое човечко битие“.

Потоа ги охрабри полските верници да се свртат кон светците и блажениците за да одговорат на повикот Господов, „меѓу нив и блажениот Пјер Џорџо Фрасати“, покровител на традиционалната младинска средба во Ледница, Полска.

„Да не се обесхрабруваме! Дури и во темните моменти од животот“, повтори Петровиот наследник, обраќајќи им се на поклониците од арапскиот свет, „Бог секогаш доаѓа да нè пречека со љубов и надеж“.

На крајот, во подготовка за прославата на празникот Педесетница, ги охрабри италијанските поклоници „секогаш да бидат послушни на делувањата на Светиот Дух, молејќи за неговата светлина и сила“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот