Генерална аудиенција: Знакот на крстот нѐ потсетува дека сме крстени

Генерална аудиенција: Знакот на крстот нѐ потсетува дека сме крстени

Знакот на крстот нѐ потсетува кој сме и на кого припаѓаме – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 28 април 2018 година на плоштадот Свети Петар, продолжувајќи ја серијата катехези за светата Тајна Крштение, кои ги започна минатата среда. Во денешната катехеза размислуваше за таа света Тајна на христијанската иницијација како „знак на христијанската вера“.

Светиот Отец напомена дека размислувањето за гестовите и зборовите ни помагаат подлабоко да ја сфатиме милоста и задачата на светата Тајна Крштение и да го обновиме во својот живот. При тоа напомена дека бројни обичаи и обреди на Црквата нѐ потсетуваат на Крштението.

Се потсетуваме на Крштението при поросувањето со благословена вода која може да се направи пред почетокот на неделната света Миса или кога за време на Пасхалното бдение ги обновуваме своите крштелни завети – рече Светиот Отец и продолжи: Она што се случува при славењето на светата Тајна Крштение е започнување на нова духовна динамика која продолжува во целиот живот на крстеникот. Тоа е почеток на еден процес кој ни дозволува да живееме соединети со Христос во Црквата. Според тоа, враќањето кон изворот на христијанскиот живот води до подобро разбирање на дарот кој сме го примиле на денот на своето крштение и да ја обновиме обврската за остварување на тој дар во секојдневието – рече Папата и како минатата среда ги поттикна присутните да ги прашаат членовите на нивните семјства за датумот на своето крштение, бидејќи тоа претставува препородување и тоа е како втор роденден.

Пред Крштението свештеникот кој го предводи обредот, прашува кое име ќе му се даде не крстникот. Папата Фрањо во своето размислување се концентрира токму на тој детал. Името означува идентитет за човекот. Од таа причина кога некој ќе го запознаеме, веднаш му го кажуваме своето име – рече Светиот Отец и напомена дека со тоа излегуваме од анонимноста. Анонимен е оној кој нема име, без име остануваме непознати, без права и должности – рече Папата и истакна: Бог го повикува секој од нас со неговото име. Тој го љуби секој од нас посебно и тоа во конкретноста на нашата историја.

Крштението е нешто лично што се однесува до конкретниот човек: тука започнува личниот повик да живееме како христијани, а тој повик се развива низ целиот наш живот. Тоа подразбира дека крштението е личен одговор, а не „копирање и лепење“ – рече Папата и продолжи: Христијанскиот живот е полн со прашања и одговори. Бог со тек на годините одново го изговара нашето име, повторувајќи го на илјади начини својот повик да се сообразиме со неговиот Син Исус.

Папата повторно го истакна името како нешто важно и одлучувачко. Потоа напомена дека христијанин се станува благодарејќи на дарот кој доаѓа одозгора. Верата не може да се купи, туку се бара и се добива како дар. „Господи дај ми го дарот на верата“, тоа е една убава молитва – рече Светиот Отец и повтори: Верата не може да се купи, туку за неа треба да се моли.

На крајот Папата зборуваше за знакот на крстот кој претставува знак кој покажува кој сме: нашето зборување, размислување, гледање, делување, сѐ е во знакот на крстот, значи во знакот на Исусовата љубов до крај. Тој истакна дека христијанин се станува во онаа мера, со која крстот се втиснува во нас како воскресен знак како и надворешно би се покажал христијанскиот начин на живеење.

Во тој контекст Папата објасни дека е важно да се подучуваат децата добро да го прават знакот на крстот. Ги праша: Знаат ли нашите деца добро да го направат знакот на крстот? Напомена дека често гледа деца кои не го прават знакот на крстот правилно и ги поттикна мајките и татковците, дедовците, бабите и кумовците да ги подучат децата како правилно да го прават знакот на крстот. Папата Фрањо објасни дека правејќи го знакот на крстот, Христовиот печат, после станување или пред спиење, пред јадење, пред опасност или како заштита од злото, додека сме во Црквата или кога излегуваме од неа, се потсетуваме дека сме крстени и дека му припаѓаме на Христос.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот