За да го разликуваме доброто од злото, треба да погледнеме во себе и да се запрашаме за мислите, дури и за негативните кои го трујат нашето постоење. За ова зборуваше Папата на Генералната аудиенција, презентирајќи го искуството на свети Августин и свети Игнатиј, учители на вежби за расудувањето. Нашиот живот, рече тој, е најскапоцената книга што ни е дадена.
Продолжувајќи ја серијата катехези за расудувањето на Генералната аудиенција во среда 19 октомври 2022 година, папата Фрањо се фокусираше на – како што рече – уште една многу потребна состојка, а тоа е сопствена животна приказна. Нашиот живот е најскапоцената „книга“ која ни е дадена, книга која многумина, за жал, не ја читаат, или тоа го прават предоцна, пред смртта. Сепак, токму во таа книга се наоѓа она што залудно го бараме на други начини.
Примерот на свети Августин
Светиот Отец го цитираше свети Августин, голем трагач на вистината, забележувајќи дека тој го имал ова внатрешно искуство и дека го забележал Господовото присуство во неговиот живот, па така во Исповедите напишал:
„Ти беше во мене, а јас бев надвор од себе. Те барав таму, напаѓајќи ги тие прекрасни суштества што си ги создал, а јас ругач. Ти беше со мене, а јас не бев со тебе“ (Исповеди X, 27.38)“.
Оттука и неговиот повик да го негува својот внатрешен живот за да го најде она што го бара: „Врати се кај себе. Вистината престојува во внатрешниот човек“ (Вистинска религија [La vera religione], XXXIX, 72) – рече Папата и нагласи: Прочитајте го својот живот. Прочитајте го во вашата внатрешност, кој бил вашиот пат. Направете го тоа мирно. Врати се во себе.
Многупати и ние сме го доживеале Августиновото искуство, така што сме се нашле заробени од мисли кои не оддалечуваат од нас самите, стереотипни пораки кои ни нанесуваат болка; на пример: „Не вредам ништо“, и се обесхрабруваш; „ништо не ми оди од рака“, или „никогаш нема да направам ништо добро“, и ти се обесхрабруваш и така оди животот. Тие песимистички фрази те рушат. Оттука, читањето на сопствената историја значи и препознавање на присуството на овие „отровни“ елементи, но потоа да се прошири дејството на нашата приказна, да се научи да ги забележуваме другите работи, правејќи ги побогати, повеќе да ја цениме слоевитоста, исто така, успевајќи да се сфатат дискретните начини на кои Бог дејствува во нашиот живот – истакна Светиот Отец .
Да ги откриеме во сопствениот живот скапоцените бисери посеани од Бога
Римскиот бискуп потоа објасни дека расудувањето поставува прашања кои нѐ поттикнуваат длабоко да размислуваме за нашите дела, не застанувајќи на секое од нив, туку читајќи ги во поширок контекст. Тоа нè поттикнува да се запрашаме, на пример, од каде доаѓа оваа мисла и каде ме води? Набљудувањето на настаните во животот – истакна тој – ни овозможува да видиме скапоцени детали.
На пример, некој текст, некоја услуга, некоја средба, која на прв поглед ја сметаме за неважна, подоцна ни носат внатрешен мир, ја пренесуваат радоста на живеењето и предлагаат други иницијативи за правење добро. Запирањето и препознавањето на ова е многу важно за расудувањето, тоа е работа на собирање на тие скапоцени и скриени бисери што Господ ги расфрли на нашата почва. Доброто е сокриено, тивко, потребно е бавно и континуирано копање. Бидејќи Божјиот стил е дискретен, Тој сака да биде скриен, не се наметнува; Тој е како воздухот што го дишеме; не го гледаме, но не одржува во живот, а го забележуваме дури кога сме без него.
Истражувањето на свети Игнатиј Лојолски
Стекнувањето навика за препрочитување на сопствениот живот „го воспитува погледот“, го изострува – истакна Папата – ни овозможува да ги видиме „малите чуда“ што Бог ги прави за нас секој ден и ни покажува нови патишта, бидејќи мудра е изреката која вели дека човекот кој не го знае своето минато е осуден да го повтори – рече Светиот Отец и ги повика сите да им раскажат на другите за својот живот. Тоа е една од најубавите и најинтимните форми на комуникација.
А житијата на светителите се вредна помош во препознавањето на Божјиот стил во сопствениот живот – додаде Папата – ни овозможуваат да го запознаеме нивниот начин на дејствување. Некои однесувања на светците се однесуваат и за нас, ни покажуваат нови значења и нови можности. Тоа, на пример, му се случило и на свети Игнатиј Лојолски.
Испит на совеста за да разбереме што се случува во нас
Основачот на Исусовците напишал дека од своето стекнато искуство заклучил дека некои мисли го оставиле тажен, а некои среќни и дека малку по малку почнал да ја препознава различноста на духовите што се разбранувале во него. И ние можеме да научиме да го правиме тоа. Да се запрашаме на крајот од денот, на пример: што се случи во моето срце денес? Некои мислат дека овој испит на совеста е полагање сметка за гревовите што сме ги направиле. Правиме многу. Но, тоа е и можност да се запрашаме што се случило во мене. Дали имав радост? Што ме направи радосен? Дали бев тажен? Што ме направи тажен? И така да научиме да распознаваме што се случува во нас – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк