Генерална аудиенција во среда: Црквата е католичка

На Генерална ауденција во среда 9 октомври, пред повеќе од 60.000 поклоници на плоштадот Свети Петар, Светиот Отец во катехезата продолжи да зборува за Црквата, објаснувајќи зошто Црквата е католичка. Папата рече дека во Црквата единственоста и разноликоста живеат во согласност, а повторно повика на избегнување на озборување, бидејќи создава несогласување.

Толкувајќи го значењето на придавката „католичка“, Папата ги истакна нејзините три значења. Црквата е католичка бидејќи е простор, куќа во која ни се навестува содржината на верата, во која на сите им е достапно Христовото спасение. Црквата ни овозможува средба со Божјото милосрдие кое нѐ преобразува, бидејќи во Него е присутен Исус Христос, кој ја дава вистинската вера, полнината на светотаинскиот живот, вистинско посветено свештенство. Секој во Црквата го има тоа што е потребно за верување, христијански живот, за светоста и за одење во секое место и време – објасни Папа Фрањо, додавајќи дека Црквата е како семејство во кое човекот живее и расте.

Во Црквата го слушаме Божјото Слово, сигурни дека тоа е Божја порака. Во Црквата можеме да го сретнеме Господ во Светите Тајни, кои се како отворени примери преку кои ни доаѓа Божјата светлост, како потоци од кои го црпиме Божјиот живот. Во Црквата учиме што е заедништво и Божја љубов. Секој денес да се запраша: „Како јас живеам во Црквата? Одам ли во Црквата како на некое фудбалско игралиште, или во кино? Не, тоа е нешто сосема различно. Затоа треба да се запрашаме: Како ги прифаќам даровиме неопходни за раст, за христијанско созревање? Учествувам ли во животот на заедницата или одам во Црква затворајќи се во своите проблеми и одделувајќи се од другите? Црквата е католичка затоа што е куќа на сите, сите се деца на Црквата и сите се во таа куќа – рече Светиот Отец.

Говорејќи пак за второто темелно значење на зборот, рече дека Црквата е католичка бидејќи е општа, се наоѓа во секој дел на светот, а секој маж и секоја жена го навестува Евангелието. Црквата не е елитна група, не припаѓа само на некои. Таа не е затворена, туку е испратена на сите, на целиот човечки род. А целата Црква е присутна и во најмалиот свој дел. Секој може да каже: во мојата парохија е присутна Католичка црква, бидејќи парохијата е дел од општата црква, и таа ја има полнината на Христовите дарови, верата, Светите Тајни, службеното свештенство; во заедништво со епископите, со Папата, за сите е отворена, без разлика – рече Папата додавајќи:

 Црквата не е само во сенката на нашата камбанарија, туку опфаќа мноштво народи кои исповедуваат иста вера, се хранат со Евхаристијата, на кои им служат исти пастири. Многу е убаво да се чувствуваш во заедништво со сите Цркви, со сите мали и големи католички заедници во светот. А потоа, да чувствуваш дека сите, мали и големи заедници имаме исто послание, сите мораме да ја отвориме својата врата и да одиме да го навестуваме Евангелието. Затоа се прашуваме: „Што направам за да можам кај другиот да пренесам радост, бидејќи сум го сретнал Господ, бидејќи припаѓам на Црквата?“ Навестувањето и сведочењето на верата не е должност само на избраните, туку тоа се однесува и на мене, на тебе и на секој од нас – рече папата Фрањо.

Црквата е католичка – продолжи Папата – бидејќи е куќа на хармонија, каде единственоста и различноста се заедно за да бидат богатство. Црквата е како некој оркестар во кој има различна музика, секој ја задржува својата посебност, создавајќи согласност. Под водство на диригентот се создава согласност, вреднувајќи ја посебноста на секоја музика. Оркестарот е убава слика за Црквата. Не сме сите еднакви, и не мораме да бидеме. Сите сме различни, секој има свои квалитети, а тоа е убавата страна на Црквата. Секој го нуди дарот кој го примил од Господ за да ги збогати другите. И во Црквата постојат различни компоненти, ни тие се не судираат. Ги усогласува Светиот Дух. Тој е диригент на оркестарот, Тој самиот е хармонија – рече Папата прашувајќи:

Живееме ли во својата заедница во хармонија или се караме? А каде сум јас во својата парохиска заедница, во својата Црква? Има ли озборување во нашата заедница? А ако има озборување тогаш нема хармонија, тогаш е борба. А тоа не е Црква, бидејќи Црква е кога сите живеат во хармонија. Никогаш не смееме еден на друг да се озборуваме, никогаш да не се караме. Се прифаќаме ли едни со други, ги прифаќаме ли оправданите различности во Црквата? Може ли во истата вера да се размислува вака, или тежнееме кон изедначување на сѐ, односно униформност? запраша Светиот Отец додавајќи:

Униформноста го убива животот. Различноста е животот на Црквата, а ако сакаме сѐ да униформираме, тогаш ги убиваме даровите на Светиот Дух! Да се молиме на Светиот Дух кој е создател на единственоста во различноста и црковната хармонија да нѐ направи вечни католици во Црквата која е католичка и општа – заклучи Светиот Отец, а потоа ги поздрави различните поклонички групи.

Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот