На Генералната аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, Папата размислуваше за човечноста на Христос во неговите последни моменти пред смртта, кога на крстот рече дека е жеден и доби сунѓер натопен во оцет.
„Во Христовата жед можеме да ја препознаеме сопствената жед. Нема ништо почовечко и ништо побожествено од тоа да можеме да признаеме дека сме во неволја,“ рече Папата.
Папата Лав XIV, на аудиенцијата одржана во среда, 3 септември 2025 година, ја посвети својата катехеза на централниот момент од наративот за Христовите страдања, во кој Евангелието според Иван донесува два збора на Исус што носат голема мистерија: „Жеден сум“ и, веднаш потоа, „Се сврши“.
Христос – просјак за љубов
На крстот, Исус не се појавува како освојувач или херој, туку како просјак за љубов. Тој не прогласува, не осудува и не се брани, туку понизно бара она што не може самиот да си го даде. Жедта на Распнатиот не е само физичка потреба на измореното тело. Таа е, пред сè, израз на длабок копнеж по љубов, заедништво и врска.
Тоа е тивок крик на Бога кој, сакајќи со нас да ја сподели целата негова човечка состојба, си дозволува да биде жеден. Бог кој не се срами да побара голтка вода, ни сведочи дека љубовта, за да биде вистинска, мора да знае и да бара, а не само да дава.
Папата Лав XIV на Генералната аудиенција
„‘Жеден сум’, вели Исус, и на тој начин ја открива својата, но и нашата човечност. Никој од нас не е самодоволен. Никој не може сам да се спаси. Животот не е исполнет кога сме силни, туку кога учиме да примаме,“ нагласи Светиот Отец.
Ова, според него, е христијанскиот парадокс: Бог не спасува со сила, туку со тоа што дозволува да му се помогне. Тој не го победува злото преку моќ, туку преку прифаќање на слабоста на љубовта.
На крстот, Исус нè учи дека човекот не се исполнува со моќ, туку со отворена доверба кон другите, дури и кога тие се непријателски настроени. Спасението не е во самодоволноста, туку во скромното признавање на сопствената потреба и во слободата да ја изразиме.
Спасението е гест на доверба
Папата Лав XIV додава дека исполнувањето на нашата човечност во Божјиот план не е чин на сила, туку гест на доверба. Исус не спасува со драматичен пресврт, туку со барање нешто што не може самиот да си го даде.
Тука се отвора вратата кон вистинската надеж: ако и Синот Божји решил да не биде самодоволен, тогаш нашата жед за љубов, смисла и правда не е знак на слабост, туку на вистина.
„Живееме во време кое ги цени самодоволноста, ефикасноста и успехот. Но, Евангелието нè учи дека мерката на човечноста не е она што можеме да го постигнеме, туку нашата способност да си дозволиме да бидеме сакани, па дури и да примиме помош,“ истакна Папата.
Исусовата жед и жедта на човештвото
„Од самиот почеток, гревот создал срам. Но вистинското простување се раѓа тогаш кога можеме да ја признаеме нашата потреба и да не се плашиме од отфрлање,“ рече Папата.
Жедта на Исус на крстот е и наша жед. Тоа е крик на ранетото човештво кое уште бара жива вода. Таа жед не нè оддалечува од Бога, туку нè обединува со Него.
Ако имаме храброст да ја признаеме, ќе откриеме дека и нашата кршливост е мост кон небото. Во барањето, а не во поседувањето, се отвора патот кон слободата. Таму престануваме да се преправаме дека сме самодоволни.
Во братството, во едноставноста на животот, во уметноста на барање без срам и давање без пресметка, се наоѓа радост што светот не ја познава. Таа радост нè враќа на вистината на нашето битие: создадени сме да даваме и примаме љубов.
Заклучок на Светиот Отец
„Драги браќа и сестри, во жедта на Христос можеме да ја препознаеме целата наша жед и да научиме дека нема ништо почовечко, ниту побожествено, од тоа да знаеме да кажеме: ‘Имам потреба’. Да не се плашиме да побараме помош, особено кога мислиме дека не ја заслужуваме. Да не се срамиме да подадеме рака. Токму во тој гест на понизност лежи спасението,“ заклучи Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк