Во молитвата „Оче наш”, Исус нѐ научи да се молиме не само за себе, туку и за сите браќа на светот. Ако не се молиме на овој начин, молитвата „Оче наш“ престанува да биде христијанска молитва”.
Тоа беше предупредувањето на папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција во среда 27 март 2019 година, во која зборуваше за вториот дел од Господовата молитва, односно делот во кој ги „принесуваме на Бог нашите потреби. Овој втор дел започнува со еден збор кој ја носи аромата на секојдневниот живот: лебот”.
Храната „не е приватна сопственост, туку промисла што мораме да ја споделиме со благодатта Божја”. Ова беше силно нагласено од страна на папата Фрањо во неговата катехеза за време на Генералната аудиенција, размислувајќи за вториот дел од молитвата „Оче наш“. Во овој дел на Господовата молитва – рече папата – „ние ги пренесуваме на Бог нашите потреби, изговараќи еден збор кој ја носи аромата на секојдневниот живот: лебот. Само Исус – продолжи Папата коментирајќи евангелскиот извадок од Матеј за умножувањето на петте лебови и двете риби – нè учи да сакаме од Отецот леб за сите браќа во светот. Затоа е добро да застанеме за миг и да размислиме за бројните гладни деца во светот денес”.
„Да размислиме за децата во земјите во војна: гладните деца во Јемен, Сирија, во многу земји каде што нема леб, за Јужен Судан. Ајде да размислуваме за овие деца и да размислиме за нив заедно и гласно да молиме: „Оче, дај ни го денес лебот наш насушен”.
Мајки и татковци кои немаат леб за своите деца
Да испросиме насушен леб – додаде Папата – соединети со многубројните мажи и жени, за кои оваа молитва е крик, кој се придружува на нивните секојдневни проблеми.
„Колку мајки и татковци, исто така, денес си легнуваат со мака дека следниот ден ќе немаат доволно леб за своите деца! Да си замислиме дека оваа молитва не се искажува во сигурноста на удобен стан, туку во една соба во која се прилагодуваш за да живееш, каде што недостасува неопходното. Исусовите зборови се здобиваат со нова сила. Тука започнува христијанската молитва. Таа не е аскетска вежба; таа е родена од реалноста, од срцето и месото на луѓето што живеат во потреба или кои ја делат ситуацијата со оние кои го немаат неопходното за живот”.
Нашиот леб
Папата Фрањо ја истакна „едноставноста” на молењето за „лебот што е неопходен за да се живее”, но исто така означува и „вода, лекови, дом, работа”:
„Лебот за кој христијанинот моли во оваа молитва не е „мојот” леб, туку „наш” леб. Тоа е она што Исус го сака. Тој нѐ учи да се молиме не само за себе, туку за сите браќа на светот. Ако не се молиме на овој начин, молитвата „Оче наш” престанува да биде христијанска молитва. Ако Бог е наш Отец, како можеме да стоиме пред него без да се фатиме за рака? Сите ние. И ако лебот што ни го дава, го крадеме меѓу нас, како можеме да се нарекуваме неговите деца? Оваа молитва го содржи односот на емпатија и солидарност. Во мојата глад чувствувам глад на многу луѓе, и затоа му се молам на Бога додека не се задоволи нивната молитва. На овој начин, Исус ја воспитува својата заедница, неговата Црква, за да ги претстави сите Божји потреби: емпатија Сите ние сме твои деца, Боже, помилуј нѐ!”
Лебот што го молиме од Господа во молитва е истиот според кој ќе ни се суди еден ден
„Ние ќе бидеме обвинети, затоа што сме немале навика да го поделиме со некој наш близок, што сме немале навика да го споделиме. Тоа беше лебот даруван за човештвото, но наместо тоа беше изеден само од неколкумина: љубовта не може да го толерира ова. Нашата љубов не може да го поднесе; исто така љубовта на Бога не може да ја поднесе оваа себичност, не може да поднесе да не се подели лебот “.
Умножување и споделување
Папата Фрањо потсети дека и во Евангелието според Иван се зборува за мноштво гладни луѓе, и за едно дете „подготвено да ги сподели своите резерви: пет леба и две риби”. Исус го умножил овој великодушен гест: ова дете – појасни Папата – го сфати значењето на молитвата „Оче наш”.
„Вистинското чудо што Исус го извршил тој ден не е толку во умножувањето на лебот и рибата, туку во споделување: дајте го она што го имате и ќе направам чудо. Самиот Исус, умножувајќи го овој леб, го претскажал својот дар во Евхаристискиот Леб. Всушност, само Евхаристијата е во состојба да ја задоволи гладта за бесконечното и копнежот за Бог кој го вдахновува секој човек, исто така и во барањето на насушниот леб”.
Човечкиот живот може да стане молитва
Молитвата на Исус – истакна Папата – „започнува со едно упорно барање кое многу наликува на молитвата на еден просјак за леб: една очигледност, која често ја забораваме, имено, дека не сме самодоволни созданија и дека секој ден е потребна храна. Исус – истакна Папата – не сака суптилни молитви: целото човечко постоење, со своите најконкретни и секојдневни проблеми, може да станат молитва”.
Ватикан њуз/к.мк