Генерална аудиенција: Верата во Исус не е роба за која се пазари

Генерална аудиенција: Верата во Исус не е роба за која се пазари

На првата Генерална аудиенција по летната пауза, во среда 4 август 2021 година, Папата ја продолжи својата катехеза од Посланието до Галатјаните, во кое се фокусираше на целосната верност кон Евангелието за што нагласува свети Павле (Галатјаните 1,6-8).

Кога станува збор за евангелието и посланието на евангелизација, Павле е вчудовиден, обземен од воодушевување. Се чини дека не гледа ништо друго освен посланието што му го довери Господ – истакна Папата. Затоа, можеме да ја разбереме тагата и разочарувањето на апостолот кон Галатјаните, кои во неговите очи залутаа по погрешен пат. Сѐ се врти околу евангелието, но за Павле ова не се „четирите евангелија“ кои ние ги познаваме, бидејќи тогаш тие не биле напишани. За него, евангелието е она што тој го проповеда, она што се нарекува керигма, односно навестување. А какво навестување? Исусовата смрт и воскресение како извори на спасението – рече Светиот Отец.

Со оглед на многу големиот дар што им беше даден на Галатјаните, Апостолот не може да си објасни како тие размислуваат за тоа да примат некое друго „евангелие“, кое можеби ќе биде повеќе по нивен вкус. Но, истакнува Папата, тие христијани не го напуштиле евангелието кое им го навести Павле. Апостолот знае дека тие сѐ уште имаат време да не направат погрешен чекор, но тој многу силно ги опоменува.

Најпрво истакнува дека проповедањето на новите мисионери не може да биде вистинско евангелие. Галатјаните сѐ уште се „почетници“ и не ја знаат сложеноста на Мојсеевиот закон и воодушевувањето при прифаќање на верата во Христа. Ова ги поттикнува да ги слушаат новите проповедници. Но, иако е разбирливо, Апостолот не може да ризикува на оваа подрачје да се прават компромиси. Нема претпоставки кога се работи за вистината на евангелието. Или ќе се прими Евангелието какво што е, како што е проповедано, или ќе примаш нешто друго. Но, нема претпоставки за евангелието. Компромисите не можат да се прифатат: верата во Исус не е роба околу која се пазари; таа е спасение, таа е средба, таа е откупување – нагласи Папата.

Како што истакна папата Фрањо, Галатјаните се водени од добра намера, убедени дека со слушањето на новите мисионери ќе му служат на Христос уште подобро. Дури и почнуваат да се сомневаат во Павле, сметајќи го за „неортодоксен во однос на традицијата“. Но, новоста на Евангелието, вели папата Фрањо, „е радикална новост, а не минлива новост: нема евангелие според модата, Евангелието е секогаш ново, тоа е новоста. Она што го доживеаја Галатјаните е ситуација која се повторува во секое време – забележа Папата и истакна дека зборовите на апостолот се корисни и за нас денес, кога мора да знаеме како да се расплеткаме од „лавиринтот на добрите намери“. И на крајот истакна:

Ова е важно: да знаеме да расудуваме. Колку пати сме виделе низ историјата, а тоа го гледаме и денес, некое движење кое го проповеда Евангелието на свој својствен начин, понекогаш вистински, со сопствена харизма; но потоа претерува и го сведува целото Евангелие на „движењето“. И тоа не е Христовото евангелие: Тоа е евангелие на основачот, основателката и навистина тоа може да биде од помош на почетокот, но на крајот не дава плод, бидејќи нема длабоки корени. Затоа јасниот и одлучен збор на Павле бил спасителен за Галатјаните, а исто така и за нас. Евангелие е Христов дар за нас, Тој самиот го објавува. Тоа е она што ни дава живот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот