На Генералната аудиенција во среда 14 декември 2022 година, папата Фрањо го продолжи циклусот катехези за расудувањето, фокусирајќи се посебно на будноста: „Не смееме да дозволиме да бидеме победени од прекумерна сигурност, туку мора постојано да ја чуваме внатрешноста, бидејќи ѓаволот знае љубезно да чука на вратата на душата и потоа да ја освои. Ја пренесуваме катехзата на Папата во целост.
Кога нечистиот дух ќе излезе од човека, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа; па ќе рече тогаш: »Да се вратам во мојот дом, од каде што излегов.« И штом дојде, го наоѓа празен, изметен и уреден; тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој овек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакостен род.” (Матеј 12,43-45)
Драги браќа и сестри, добар ден!
Сега влегуваме во последната фаза од оваа серија катехези за расудувањето. Тргнавме од примерот на свети Игнатиј Лојолски, потоа ги разгледавме елементите на расудување – односно молитвата, самоспознавањето, желбата и „книгата на животот“, застанавме на сувоста и утехата, кои ја сочинуваат „материјата“, за да дојдема на крајот до потврда за направениот избор.
Верувам дека сега е неопходно да се вклучи потсетувањето за важниот став за да не пропадне целата работа направена околу најдоброто можно расудување и за да се донесе вистинската одлука: тоа е ставот на будност. Ги поминавме расудувањето, утехата и сувоста; избравме нешто… и тоа е во ред, но сега треба да бидете будни: ставот на будност. Бидејќи опасноста навистина постои, како што слушнавме во прочитаниот евангелскиот дел. Постои опасност, а тоа е „оној што ја расипува забавата“, т.е злобниот, може да расипе сѐ, па ќе нѐ врати на почетната точка, згора на тоа, ќе паднеме во уште полоша состојба. А тоа се случува, затоа треба да бидеме внимателни и будни. Затоа е неопходно да се биде буден. Затоа, денес изгледа соодветно да се истакне тој став, кој на сите ни е потребен за да може процесот на расудување да има добар исход и да опстане.
Во своето проповедање, Исус многу инсистира добриот ученик да биде буден, да не заспие, да не се впушта во прекумерна самодоверба кога работите одат добро, туку да остане буден и подготвен да ја врши својата должност.
Исус, на пример, во Евангелието според Лука вели: „Нека ви биде крстот стегнат и светилата – запалени! Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука. Блазе на оние слуги, што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! (12,35-37).
Треба да бидеме будни за да го зачуваме нашето срце и да сфатиме што се случува внатре. Станува збор за подготвеност на христијанскиот дух, кој го чека конечното доаѓање на Господ; но исто така може да се сфати како вообичаен став што треба да се одржува во секојдневното однесување, така што нашите добри избори, кои понекогаш се донесени по тешко расудување, можат да продолжат на упорен и доследен начин и да вродат со плод.
Ако нема будност, постои многу голема опасност, како што рековме, сѐ да пропадне. Не зборуваме за опасноста од психолошкиот поредок, туку за духовниот поредок, вистинската замка на злиот дух. Тој, всушност, го чека токму моментот кога сме премногу сигурни во себе и во тоа е опасноста: „Сигурен сум во себе, победив, сега сум добро…“, тоа е моментот што го чека злиот дух, кога сè оди како што треба, кога „цветаат рози“ и кога имаме како што велат „ветар во грб“. Навистина, во кратката евангелска парабола што ја слушнавме, се вели дека кога нечистиот дух се враќа во куќата од која дошол, „ја наоѓа празна, изметена и уредена“ (Матеј 12,44). Сѐ е на место, сѐ е во ред, но каде е домаќинот? Го нема. Нема кој да бдее и да ја заштити. И тоа е проблемот. Нема домаќин, излегол, расеан е; или е дома, но спие, што е исто како да го нема. Не е буден, не е внимателен, затоа што е премногу сигурен во себе и ја изгубил понизноста, која е чувар на срцето. Секогаш мораме да си ја чуваме куќата, срцето и да не се расејуваме и да заминеме… затоа што тука е проблемот, како што се истакнува во параболата.
Значи, злиот дух може да го искористи тоа и да се врати во таа куќа. Во Евангелието, пак, се вели дека тој не се враќа сам, туку заедно со „седум други духови, полоши од него“ (сп. Матеј 12,45). Рѓаво друштво, банда на злосторници. Но – се прашуваме – како е можно да влезат непречено? Како домаќинот не го забележува тоа? Зарем не беше толку добар во расудувањето и ги исфрли? Нели добиваше и комплименти од пријателите и соседите за куќата, многу убава и елегантна, многу уредна и чиста? Да, но можеби затоа премногу се заљубил во куќата, односно во себе, и престанал да го чека Господ, да го чека доаѓањето на Младоженецот; можеби од страв да не го расипе тој поредок, повеќе никого не прима, не ги поканува сиромашните, бездомниците, оние кои само пречат… Едно е сигурно: се работи за лоша гордост, за преценетост дека сме праведни, дека сме добри, дека сме на свое место. Многу пати го слушаме ова: „Да, порано бев злобен, сега се преобратив, сега куќата е уредена и затоа сум мирен и спокоен…“ Кога премногу се доверуваме во себе, а не во Божјата благодат, тогаш Злобниот наоѓа отворена врата. Потоа организира посета и ја враќа таа куќа во негова сопственост. А Исус заклучува: „И последната состојба на тој човек станува полоша од првата“ (Матеј 12,45).
Но, домаќинот не го забележува тоа? Не, затоа што тие зли духови влегуваат незабележано, тропаат на вратата, учтиви се. „Добро, ајде, влези…“, а потоа на крајот заповедаат на твојата душата. Внимавајте на тие мали ѓаволи, на тие зли духови: ѓаволот е смирен, се преправа дека е голем господин. Затоа што влегува по нашата заповед, а на крајот излегува тој да заповеда. Треба да ја заштитите куќата од таа измама на пристојни зли духови. Духовната световност секогаш оди по тој пат.
Драги браќа и сестри, изгледа невозможно, но е вистина. Многупати губиме, поразени сме во нашите битки, затоа што немаме таква будност. Многупати, можеби, Господ ни дал големи благодати и на крајот не можеме да истраеме на таа благодат и губиме сè, затоа што ни недостига таа будност: не ја чувавме вратата. Тогаш нè измамува некој што доаѓа, љубезен и смирен, влегува внатре и пријатно… ѓаволот ги користи тие работи. Секој може да го види ова кога размислува за својот личен живот. Не е доволно добро да расудувате и да донесете добра одлука. Не, тоа не е доволно: треба да останеме будни, да ја чуваме благодатта што ни ја дава Бог, но бидете будни, затоа што можете да ми кажете: „Но, кога ќе видам некаков неред, веднаш знам дека тоа е ѓаволот, дека е искушение…“, да, но овојпат доаѓа преправен во ангел: злиот дух знае да се маскира во ангел, влегува со убави зборови и те убедува и на крајот е полошо отколку на почетокот… Треба да се биде буден, да се внимава на срцето. Ако денес ве прашам сите вас, вклучително и себеси: „Што се случува во твоето срце?“ Можеби нема да знаеме да кажеме сè: би кажале една или две работи, но не сè. Треба будно да внимаваме на срцето, бидејќи будноста е знак на мудрост, таа е пред сè знак на понизност, затоа што се плашиме од падови, а понизноста е главниот пат на христијанскиот живот.
Ватикан њуз/к.мк