Во катехезата на Генералната аудиенција во среда, 10 март, папата Фрањо направи опширен преглед на неговата Апостолска посета на Ирак. „Војната е секогаш чудовиште кое, како што се менуваат епохи, се преобразува и продолжува да го голта човештвото. Но, одговорот на војната не е друга војна, одговорот на оружјето не е друго оружје. Одговорот е братство. Тоа е предизвик за Ирак, но не само за Ирак. „Братството е предизвик за многу региони опфатени со конфликти и на крајот, предизвик за целиот свет“, рече Светиот Отец. Говорот на Папата го пренесуваме во целост
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во изминатите денови, Господ ми дозволи да го посетам Ирак, со што го реализирав планот на Свети Иван Павле II. Никогаш еден Папа не бил во земјата на Авраам; Бог според Неговата промисла сакаше тоа да биде сега како знак на надеж по долгогодишна војна и тероризам и за време на тешка пандемија.
После оваа посета, душата ми е исполнета со благодарност. Благодарност кон Бога и на сите што го овозможија тоа: на претседателот на Републиката и ирачката влада; на патријарсите и епископите во земјата, заедно со сите служители и верници на поедините Цркви; верски власти, почнувајќи од големиот ајатолах Ал-Систани со кого имав незаборавна средба во неговата резиденција во Наџаф.
Силно го почувствував покајничкиот дух на ова поклонение: не можев да му пристапам на тој измачен народ, на оваа маченичка Црква, а без да го преземам на себе, во името на Католичката црква, крстот што го носат со години; голем крст, сличен на оној поставен на влезот во Каракош. Го почувствував тоа на посебен начин гледајќи ги сè уште отворените рани од уништувањето, и уште повеќе сретнувајќи се и слушајќи ги сведоците кои го доживееја насилството, прогонствата, протерувањето … Во исто време, околу мене ја видов радоста за доаѓањето на Христовиот гласник; Ја видов надежта за отворање кон хоризонтот на мирот и братството, содржано во зборовите на Исус, кои беа мото на оваа патување: „Вие сте сите браќа“ (Матеј 23, 8). Таква надеж најдов во говорот на Претседателот на Републиката, најдов во многу поздрави и сведоштва, во песните и гестовите на луѓето. Го прочитав на сјајните лица на младите и во живите очи на старите лица. Луѓето го чекаа Папата пет часа, на нозе; и жени со деца во рацете… чекаа, а надежта зрачеше во нивните очи.
Ирачкиот народ има право да живее во мир, има право повторно да го открие достоинството што му припаѓа. Неговите верски и културни корени потекнуваат илјадници години наназад: Месопотамија е лулка на цивилизацијата; низ историјата, Багдад бил град од примарно значење, со векови бил домаќин на најбогатата библиотека во светот. И што ја уништи? Војната. Војната е секогаш чудовиште кое, како што се менуваат епохи, се преобразува и продолжува да го голта човештвото. Но, одговорот на војната не е друга војна, одговорот на оружјето не е друго оружје. И се прашував: Кој им продаваше оружје на терористите? Кој денес им продава оружје на терористите кои вршат масакри во други делови на светот, да се сетиме на пример на Африка? Тоа е прашање на кое би сакал некој да одговори. Одговорот не е војна, одговорот е братство. Тоа е предизвик за Ирак, но не само за Ирак: братство – тоа е предизвик за многу области опфатени со конфликти и на крајот, предизвик за целиот свет. Дали ќе знаеме како да го негуваме братољубието меѓу нас, да создадеме култура на братство? Или ќе продолжиме со логиката која ја започна Каин, а тоа е војна? Братство, братство.
Затоа, се сретнавме и се молевме, христијани и муслимани, со претставници на други религии во Ур, каде што Авраам го прими Божјиот повик пред околу четири илјади години. Авраам е татко во верата затоа што го слушаше Божјиот глас, кој му ветуваше потомство, остави сè и појде. Бог е верен на своите ветувања и денес ги води нашите чекори на мирот, ги води чекорите на оние што одат по Земјата со вперени очи кон Небото. А во Ур, додека стоевме заедно под тоа ведро небо, истото небо на кое нѐ виде праотецот Авраам, неговите потомци, овие зборови како повторно да се раширија во нашите срца: Вие сте сите браќа.
Пораката за братството дојде од црковната средба во Сиро – католичка катедрала во Багдад, каде во 2010 година четириесет и осум лица, меѓу кои и двајца свештеници беа убиени за време на светата Литургија. Црквата во Ирак е маченичка Црква и во тој храм, кој во каменот носи врежан спомен на тие маченици, одекна радоста за средбата: моето воодушевување што бев меѓу нив се спои со нивната радост што го имаат Папата крај себе.
Порака за братство испративме и од Мосул и Каракош, на реката Тигар, од урнатините на античка Ниневија. Окупацијата на ИСИЛ принуди илјадници и илјадници жители да бегаат, вклучително и многу христијани од различна вероисповед и други прогонувани малцинства, особено Јазидите. Античкиот идентитет на овие градови е уништен. Сега се прават големи напори за обнова; Муслиманите ги повикуваат христијаните да се вратат и заедно да ги обноват црквите и џамиите. Таму постои братство. И, да продолжиме, ве молам, да се молиме за овие наши многу искушувани браќа и сестри да најдат сила да започнат од почеток. И размислувајќи за многу Ирачани кои емигрирале, сакам да им кажам: оставивте сè, како Авраам; како него, чувајте ја верата и надежта и бидете творци на пријателство и братство каде и да се наоѓате. И ако можете вратете се.
Пораката за братството беше испратена и од дете свети Литургии: онаа во Багдад, служена според халдејскиот обред и онаа во Ербил, градот каде што ме прими претседателот на регионот и премиерот, властите – им благодарам на бројните луѓе кои дојдоа да ме поздрават – а убаво бев примен и од народот. Надежта на Авраам и неговите потомци се оствари во таинството кое го славевме, во Исус, Синот кого Бог Отецот не го поштеди, туку го даде за спасение на сите; со својата смрт и воскресение, тој ни овозможи да преминеме во Ветената земја, во нов живот каде ќе се избришат солзите, ќе се лекуваат раните и да се помират браќата.
Драги браќа и сестри, да му благодариме на Бога за оваа историска посета и да продолжиме да се молиме за оваа земја и за Блискиот Исток. Во Ирак, и покрај заглушувачката бучава од уништување и оружје, палмите, симболот на таа земја и нејзините надежи, продолжуваат да растат и да донесуваат плод. Така е и со братството: не е бучно, но е плодно и помага да расте. Господ, кој е мир, нека му даде иднината на братството на Ирак, Блискиот Исток и целиот свет!