Папата Фрањо ја посвети катехезата на Генералната аудиенција на 20 март 2024 година на крепоста разборитоста. Неговиот текст го прочита монс. Пјерлуиџи Жироли.
Разборитоста е меѓу основните крепости, објаснува Папата, и не е исклучива привилегија на христијаните, туку припаѓа на наследството на древната мудрост. Разборитоста не е крепост на плашлив човек, кој секогаш се двоуми и се колеба што да прави. Не е само претпазливост. Да се стави разборитоста на прво место значи дека човечкото делување е во рацете на неговата интелигенција и слобода. Разборитиот човек е креативен: размислува, оценува, се обидува да ја разбере сложеноста на реалноста и не дозволува да биде совладан од емоции, мрзеливост, притисоци и илузии.
Вреди да се потсетиме на лекцијата за разборитост, посебно во свет на површни мисли и баналност – без разлика дали се добри или лоши, пишува Папата. Осврнувајќи се на Свети Тома, тој посочува дека тоа е способност да се управуваат делата со цел да се насочат кон добро. Сè додека останува на книгите, животот е лесен. Но, сосема е друга работа среде „ветровите и брановите на секојдневниот живот“. Мудриот човек не избира случајно – размислува за ситуациите, бара совет од другите и со широк поглед и внатрешна слобода избира по кој пат да тргне. Но, вели папата Фрањо, тоа не значи дека тој не може да згреши. Сите сме луѓе – но барем ќе избегне поголеми застранувања.
Понатаму разборитоста е карактеристика и на оној што е повикан да владее: знае дека е тешко да се управува, дека има многу различни гледишта и дека мора да се труди да ги усогласи, дека мора да прави добро не на некои, туку на сите. Разборитиот човек знае како да го чува сеќавањето на минатото, не затоа што се плаши од иднината, туку затоа што знае дека традицијата е наследство на мудроста. Таа е и далекувидна – штом се одлучи за целта, знае дека мора да ги обезбеди сите средства за да ја постигне.
Нагласувајќи дека Светото Писмо е полно со повици за подобрување на разборитоста, Папата потсети: „Христијанскиот живот е комбинација од едноставност и мудрост“. Подготвувајќи ги своите ученици за послание, Исус им препорачува: „Ете, јас ве испраќам како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии и безопасни како гулаби!’ (Матеј 10,16). Како да сака да каже дека Бог не сака само да бидеме свети, туку сака да бидеме интелигентно свети, бидејќи без разборитоста се скршнува од вистинскиот пат додека да трепнеш!“
На крајот од аудиенцијата Папата ја довери Црквата и целиот свет под заштита на Свети Јосиф, чијшто празник се празнуваше вчера, посебно населението на Украина, Палестина и Израел, кои страдаат поради војната.
Ватикан њуз/к.мк