Генерална аудиенција: Бог ги преобразува нашите животи со план полн со надеж.

Генерална аудиенција: Бог ги преобразува нашите животи со план полн со надеж.

Во својата катехеза на Генералната аудиенција во средата, на 12 февруари 2025 година, папата Фрањо говореше за тоа како Исус понизно влезе во историјата, во скромниот простор кој обично е зад куќата, каде што се животните, и дека првите сведоци на доаѓањето на Месијата беа пастири, луѓе со мала култура, кои живеат на маргините на општеството, од кои треба да учиме за способност да се восхитуваме на Бога и да го чуваме она што Бог ни го довери: Таленти, харизми, нашиот повик и луѓето кои Бог ги постави покрај нас.

Папата Фрањо денешната јубилејна катехеза ја посвети на таинството на раѓањето на Исус во Витлеем.

Исус влегува во историјата како наш придружник и го започнува своето патување веќе во утробата на неговата мајка. Прво од Назарет до домот на Захарија и Елисавета, во таинството на Посетата, а потоа од Назарет до Витлеем, за пописот на населението. И тука се гледа Божјата понизност кој не ги избегнува и не ги руши структурите на светот, туку сака да ги осветли и обнови одвнатре. Бог во Исус влегува во историјата. Друг знак на Исусовата понизност е тоа што тој не е роден во палата, туку на место наменето за животни.

Светиот Отец додаде дека доаѓањето на Исус не се манифестира во галама и врева, туку Исус го започнува своето патување во понизност. „Исус не се наметнува, туку се нуди“, потсетува Папата и продолжува:

Пастирите, многу едноставни и понизни луѓе, се првите кои ја примаат Радосната вест за Спасителот. Така, пастирите учат дека на едно многу скромно место, наменето за животните, се раѓа долгоочекуваниот Месија и дека тој се раѓа за нив, да биде нивен Спасител и нивен Пастир.

„Да го молиме Господа во слабост да ја препознаеме извонредната сила на Детето Божјо, кое доаѓа да го обнови светот и да ги преобрази нашите животи со својот план полн со надеж за целото човештво, како и за благодатта брзо и едноставно, како пастирите, да му појдеме во пресрет, навестувајќи има ја на сите надежта и радоста на Евангелието“, ја заврши папата Фрањо катехезата, која поради настинката, ја прочита вработен во Државниот секретаријат, отец Пјерлуиџи Џироли.

Осврнувајќи се по катехезата за моменталните кризни жаришта, Папата истакна дека не сме родени да убиваме, туку да им овозможиме на народите мирно да се развиваат. Тој повтори дека војната не е решение, туку пораз за целото човештво. Спомнувајќи ги страдањата на луѓето во Украина, Блискиот Исток, Мјанмар, Конго и Јужен Судан, тој ги охрабри верниците да се молат за мир и да направат се што можат за да го промовираат преку конкретни напори, бидејќи – како што истакна – сите ние носиме одговорност за промовирање и постигнување мир.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот