Во црквата на Бит Пазар започна побожноста до Свети Јосиф

Во црквата на Бит Пазар започна побожноста до Свети Јосиф

Во среда 3 март 2021 година, во црквата на Бит Пазар „Свети Јосиф“ започнаа подготовките за празникот Свети Јосиф, кој се слави на 19 март според Грегоријанскиот календар. На три среда, 3 март, 10 март, и на 17 март во 15.00 часот ќе се одржи побожност во чест на Свети Јосиф и ќе се служи Света Литургија. Дон Давид Трухило, парохиски викар на катедралната парохија во Скопје и администратор на парохија во Битола, кој служеше света Литургија на првата среда од побожноста, го посочи Свети Јосиф како скровит и тивок светец, за разлика од синовите на Зеведеј, кои бараа привилегирани места, како што истакнува Евангелието.

Да потсетиме дека папата Фрањо ја прогласи оваа година за година на Свети Јосиф, и по тој повод упати апостолското писмо Patris Corde. Во него, меѓу другото, тој истакнува дека пандемијата ни помогна да ја разбереме важноста на обичните луѓе, оние кои се далеку од очите на јавноста, кои секојдневно ја живеат крепоста трпеливост, влеваат надеж кај другите и поттикнуваат соодговорност. По тоа тие се како Свети Јосиф, „човек кој поминува незабележано, човек со секојдневно присуство и повлечен во тајност“, кој сепак имаше улога на протагонист во историјата на спасението.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот