По повод 4. Светски ден на баби, дедовци и постари лица, во сабота, 27 јули 2024 година во парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица протојереј отец Гоце Костов служеше Вечерна, а веднаш по неа, на повозрасните и болните им беше поделена Светата Тајна оздравување, позната како и помазание на болните.
Во проповедта отец Гоце Костов се задржа на две главни теми. Најпрво зборуваше за делови од пораката на папата Фрањо за 4. Светски ден на баби и дедовци и стари лица, посебно осврнувајќи се на сѐ поголемата осаменост на постарите лица, како и за делот во кој се зборува за старицата Ноемина и нејзините снаи Орфа и Рут, истакнувајќи дека постарите лица никогаш не можат да бидат товар на своите деца.
Потоа зборуваше и за светата Тајна помазание на болните, повикувајќи се на молитвената накана на папата Фрањо за месец јули при што рече дека оваа света Тајна пред сѐ е за оздравување на душата и телото истакнувајќи ја потребата верниците подалбоко да навлезат во смислата на спасителна сила која ја дава овој дар на Црквата. За време на помазнието, во црквата се пееја духовни песни, а потоа следуваа две сведоштва.
Најпрво Марија А., млада девојка од парохијата посведочи како е да се живее со баба под ист кров. Таа истакна дека е привилегија да се живее со постари луѓе, затоа што може да се учи од нивното мудро искуство од животот, но и важноста да се споделува со нив близина, љубезност и нежност, да знаат дека не се сами.
Софче П., сподели сведоштво и впечатоци од своето детство од нејзините баби и дедовци, но исто така како баба ја истакна убавината на животот со внуци.
Потоа следуваше заедништво во парохиската сала.
Во недела 28 јули 2024 година се служеше света Литургија по накана на бабите, дедовците и старите лица.
Во деновите пред одржување на настанот децата од веронаучната група ги посетија дедовците и бабите и постарите лица, поканувајќи ги на молитвената средба во парохиската црква.
За оние кои не беа во можност да дојдат самостојно, парохијата организира превоз од нивните домови до црквата и назад.
к.мк