Во понеделник 8 декември 2025 година, на празникот Свети Климент Охридски, кога црквата во Стојаково го прославува својот патрон празник, Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија на која беа изложени и моштите на Свети Климент Охридски, кои подоцна верниот народ ги чествуваше. Со епископот сослужуваа деканот протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот протојереј отец Тома Ангелов, протојереј ставрофор отец Георги Трајков, протојереј отец Гоце Костов, отец Илија Стојанов, отец Трајче Ташев, отец Ристо Самарџиски и отец Атанас Сирачев. На свеченоста покрај верниот народ од Стојаково присуствуваа сестри Евхаристинки и верници од други парохии.
Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на Свети Климент Папа Римски и Свети Климент Охридски, потсетувајќи на нивниот пример како пастири на Црката. Тој истакна дека Исус Христос се објавува како Добриот Пастир кој го полага својот живот за луѓето, штитејќи ги од „вечните разбојници“, гревот и злото. Вистинската љубов, беше нагласено, се докажува токму преку жртвата, а Христовата жртва на Крстот останува најсилното сведоштво за Божјата љубов кон човештвото.
Поврзувајќи го Евангелието со Свети Климент Папа Римски и Свети Климент Охридски, како примери на пастири кои ги посветија своите животи за верата, истакна дека Свети Климент Папа Римски, кој ја водел Црквата во првите векови, бил познат по смирување разделени заедници, по создавање на црковни структури и по мисионерска ревност.
Свети Климент Охридски, ученик на светите браќа Кирил и Методиј, го опиша како ревен учител во верата Христова кој го обликувал духовниот и културниот идентитет на нашиот народ. Со отворањето на Охридската школа, тој воспитал илјадници ученици кои ја ширеле христијанската вера и словенската писменост меѓу словенските народи – истакна епископот Стојанов
Проповедта ја заврши со повик до верниците да останат силни во верата, следејќи го примерот на двата светци и добриот Пастир, подготвени да сведочат со својот живот.
На крајот од светата Литургија верниците ги измолија потребните молитви за добивање потполн опрост, а парохот отец Тома Ангелов се заблагодари на епископот Стојанов за неговата подготвеност да служи денес во Стојаково, како и за неговото поучно слово. Воедно упати благодарност и до овогодинешните кумовци.
к.мк

