Во Скопје се одржа молитва за единство на христијаните

Во Скопје се одржа молитва за единство на христијаните

Во Скопската катедрала се одржа средба во рамки на Молитвената осмина за единство на христијаните

Во недела 23 јануари 2022 година во катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржа традиционалната молитвена екуменска средба во рамки на Молитвената осмина за единство на христијаните.

На средбата присуствуваа претставници и верници од Католичката црква, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Евангелско – методистичката црква, Евангелската црква и Евангелско – протестантската црква „Гласност“. Католичката Црква беше претставена од дон Давид Трујило, МПЦ-ОА од отец Ивица Тодоровски, ЕМЦ од пастор Лазо Танчев, ЕПЦ „Гласност“ од пастор лаик Кристијан Калинов и ЕЦ од пастор Марино Мојтиќ.

Во обраќањата е истакнато дека во темнината на овој свет христијаните мора да бидат како ѕвезда која на луѓето им го покажува патот, затоа што храмот Божји не е само зграда, туку и секој од нас. Повикувајќи се на Исусовата молитва да бидат сите едно, е нагласено дека нашата сила се умножува во заедништвото.

На крајот од средбата со принесување запалени свеќи пред олтарот симболично се отслика мотото на овогодинешната молитвена осмина „Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме“ (Матеј 2,1-12).

Екуменската молитва заврши со молитвата ‘Оче наш’ и благослов од парохискиот викар дон Давид Трујило.

Средбата беше анимирана од членовите на катедралниот хор, а членовите на Евангелско – методистичката црква испеаја неколку песни. Заедништвото продолжи во парохиската веронаучна сала.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот