Во Скопје прославен празникот Свеќници

На 2 февруари 2014 година по повод празникот Сретение Господово – Свеќници во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје света Евахристија служеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх, монс. д-р Киро Стојанов, во сослужение на генералниот викар, монс. Антун Циримотиќ, катедралниот парох во Скопје дон Давор Топиќ и патер Јуриј Деветак.

Евхаристиското славење започна со обредот благослов на свеќи, а потоа следуваше процесија со свеќи околу катедралата.

1359_1Во својата проповед бискупот Стојнов истакна: „За избраниот народ Божји постана и постоеше едно и единствено место за вистинска средба на човекот со Бог, Ерусалимскиот храм. Поради тоа секое машко првороденче требало да биде принесено и откупено во тој храм, бидејќи храмот е место каде што престојува Бог, но и спомен на чудесниот Божји зафат во историјата на Израилот, а тое е ослободувањето од Египетското ропство. Со Крштението во Христовата Црква, стануваме Христови – христијани. Носители на Христос во себе и во својот живот, станавме препознатлив знак кој треба да биде за спасение на мнозина, но и на пропаст за оние кои го отфрлаат светлото на верата. Денес е празникот Свеќници – токму поради тоа што во нас е запалено светло, кое треба да биде светло на светот. Христијанинот со својот повик во светот е светло, сол, град на гората“, рече бискупот Стојанов.

На крајот од литургиското славење парохот дон Давор рече дека денес е 15 годишнината од именувањето на бискупот монс. Стојанов, и во име на собраната заедница му ја честита годишнината, истакнувајќи дека оваа заедница ја гарантира со молитва својата близина и почит, за да може тој како пастир да го исполни своето послание во Црквата, и оваа месна Црква со силата на молитвата да може уште посилно да засвети со својот пастир во своето послание и сведочење на Радосната вест.

Д.Т.

Категорија: Македонија

За авторот